Македонскиот претседател Ѓорге Иванов на Твитер најавува дека е поканет да ја посети Грција на 7 март и дека поканата дошла во телефонски разговор со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.
Оваа информација Плусинфо ја провери во кабинетот на претедателот Иванов, од каде што информираа дека станува збор за лажен профил на Твитер, а случајот е пријавен и во социјалната мрежа и во МВР.
„Телефонски разговор со претсeдателот на Грција. Господин Павлопулос ме покани да ја посетам Грција на 7 март“, пишува на лажниот профил на Иванов, објавен пред околу еден час.
Од истиот профил, вчера ( пред околу 23 часа) кога почна примената на новото име на државата, е поставена и ваква објава:
„Историски ден за мојата земја и за Европа. Почнува нова ера. Република Северна Македонија е новото име за прекрасната нација“.
Не е прв пат на Твитер, непознато лице да отвори лажен профил на претседателот Иванов.
Пред околу три месеци, исто така беше отворен налог на Твитер во име на македонскиот претседател и по официјалната реакција од кабинетот на Иванов, профилот беше затворен, но јавноста не дозна кој стои зад ваквата манипулација.