Со оглед на практиката за арбитрарен и противуставен претседателски пристап на Ѓорге Иванов околу тоа кој легално усвоен закон сака да го потпише, а кој не, прашање е дали Законот за амнестија и формално ќе биде прогласен за важечки со потписот на Иванов?
Како што е познато, Законот не го поддржа неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, а тој законски проект од амнестија ги исклучува токму оние кои, во своите одбрани, сведочеа дека токму од Иванов се имале извесни очекувања да прогласи вонредна состојба во државата во изведбата на обидот за државен удар на 27 април, лани. Таа приказна е уште под обвинителска истрага.
Ако, пак, реши да го потпише, Иванов, практично, го формализира, но станува и соучесник во пазарењето за финализирањето на Преспанскиот договор во Собранието – тој ист Договор, усвоен во истото Собрание, што Иванов и така одбива да го потпише – што ќе резултира со промена на Уставот и промена на името на државата. Тоа, пак, ќе ја поттурне Македонија по шнел-штрасе за членство во НАТО!
А сите знаеме што мисли Иванов за тој процес: побрзо самиот ќе се намачка со катран и, како прасе во помија, радосно ќе се испрепелка во пердуви, одошто би прифатил да биде историски идентификуван со „предавството“ што е во тек во Македонското собрание!
Всушност, неочекувано, Иванов добива каква-таква шанса за вето, барем привремено (бидејќи законските рокови за неколкуте фази за амнестија се прилично набиени), врз спроведувањето на Преспанскиот договор, нешто што во самиот Договор елегантно му беше одземено како можност, оставено уставните промени да ги прифати идниот претседател на Република Северна Македонија.
Но, дополнително, пак, ако не го потпише овој Закон, во судската постапка остануваат и повеќемина од оние „ненасилни“ и потенцијално амнестирани „патриоти“, со изгледи да бидат правосилно осудени на значајни затворски казни, кои Иванов ги негува за идеолошки и лични пријатели…
Хмммммм… Што да прави, сирот, Иванов? Ќе биде проколнат и да го потпише и да не го потпише Законот! Како и да се сврти, онаа работа што одамна ја стави под кирија, му останува од позади!
Оваа Хамлетовска дилема веројатно за последен пат го изложува Иванов на бришан политички простор на само неколку месеци пред заминување во претседателска пензија. Што е право, и Мицкоски елегантно му го смести, бојкотирајќи го ваквиот Закон за амнестија, демагошки префрлајќи ја топката во кабинетот на Иванов – ќе шутира ли Иванов во голот? Или како еден познат центарфор од осумдесеттите на тогашниот „Раднички“ од Ниш ќе компликува со бескрајни дриблања и штитења на топката во противничкиот шеснаесетник, за кого, ако прашавте дали го дал голот, ќе чуевте: „Не, још га даје!“
Затоа, наспроти некои вчерашни собраниски најави, јас мислам дека е поверојатно Иванов до недоглед да го „завлече“ потпишувањето и на овој усвоен Закон. Некакво објаснување за тоа очекувам да се даде во неговото последно обраќање пред Македонското собрание на 28 декември, а до тогаш ќе се игра криенка-миженка со македонската јавност и со медиумите, во бескрајниот процес на консултации и чајанки со неколкуте уким-професорки од Правниот факултет.
Парадоксално – каков што е и целиот негов десетгодишен мандат – ако реши да не го потпишува Законот, можно е Иванов да добие и некој збор на поддршка од сите оние кои мислат дека со оваа амнестија се нарушуваат основните принципи на правната држава во Македонија. Супер-парадоксално: Иванов, на заминување, ќе ја промовира правната држава?!?!
Нема, тоа е: Маседониа – тајмлес!
Извор: Цивил медиа