Иванов: За да имаме одржлив договор, потребен ни е дијалог, наместо монолог, доверба, наместо сомнеж

630

Оваа иницијатива преку која Грција инвестира во младите луѓе од Македонија е позитивен пример за соработка и градење доверба меѓу македонското и грчкото општество, наспроти потпишаната меѓувладина Спогодба која е асиметрична и со која се негира нашето човечко достоинство, рече претседателот на државата Ѓорге Иванов на доделувањето на 20 стипендии „Борис Трајковски“ за постипломски студии на Универзитетот Шефилд во Солун.

– Ако единствениот начин да се задоволат барањата на официјална Атина е со наметнати мерки кон македонската страна, она што добиваме се односи без доверба и без општествен капитал – истакна македонскиот претседател.

Грчкото и македонското општество, додаде Иванов, треба да научат како заеднички да живеат и покрај нивните најдлабоки разлики што ги разделуваат.

– За да имаме вистински, траен и одржлив договор, потребен ни е дијалог, наместо монолог, аргументирано убедување, наместо присилно наметнување, доверба, наместо сомнеж – рече Иванов.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми им честиташе на стипендистите и им посака успешни магистерски студии.

– На сите стипендисти им посакувам со среќа и со успех да ги завршат студиите во предвидениот рок и да стекнат што повеќе знаења, да ги надградат своите работни и лидерски способности и вештини кои ќе им бидат од лична полза, но и од корист на организациите каде се вработени или имаат намера да бидат ангажирани. Секако дека ова е и од полза за нашиот севкупен државен просперитет, рече министерот Адеми.

Директорот на програмата за магистерски студии по бизнис администрација при „Сити Колеџот“ од Солун, Џорџ Ефстатиадис порача дека програмата овозможува балансиран поглед на меѓународните перспективи, како и шанса за комбинирање на теоријата со праксата.

– Ќе се стекнете со поголемо искуство во учењето, со можност да студирате и да се поврзете со своите врсници од 25 други земји – рече Ефстатиадис.

Стипендиите ги обезбедија Министерството за образование и наука на Република Македонија и Универзитетот Шефилд, а покровител на нивното доделување е Претседателот на Република Македонија. Досега над 200 стипендисти од 12 генерации имале можност да студираат на престижниот Сити Колеџ во Солун.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...