Помала група граѓани и вечерва се собра пред зградата на Собранието за да изразат несогласување со потпишаниот договор за промена на името на државата.
Протестот почна во 20 часот со блокада на булеварот 11 Октомври, а во исто време припадниците на полицијата се распоредија пред зградата на Парламентот.
Учесниците на протестот му изразуваат поддршка на претседателот на државата Ѓорге Иванов и го извикуваат неговото име. Тие скандираат: „Македонија“, „Едно име имаме“, и „Предавници“.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека на синоќешните насилни протести пред Собранието биле повредени 17 лица, од кои 10 полицајци, а биле приведени 26 лица.
Денешниот протест помина во мирна атмосфера, а организаторите повикаа на нов протест пред Собранието утре во 11 часот.