Иванов до пратениците: Ајде смирете се, потиснете ги своите фрустрации

346
Ајде смирете се, потиснете ги своите фрустрации, јас цела година вас ве слушам, ислушајте и вие кога ви се обраќа претседателот, им рече шефот на државата Ѓорге Иванов на народните избраници во новогодишното обраќање, откако неговиот говор предизика бурни реакции во Собранието.

– Покажете ја својата култура пред дипломатскиот кор – додаде Иванов кој неколку пати побара да биде ислушан во неговото годишно обраќање.

Пратениците реагираа неколку пати во текот на говорот на претседателот и тоа кога зборуваше за Законот за јазиците, за пописот, кој според Иванов, ќе поттикне поткопување на мултиетничката демократија, ако биде забрането, како што рече, изразувањето на етничката припадност на пописот на населението.

– Долго време инсистирам на попис, но, која е целта на пописот без изразување на етничката припадност? Зарем се заборава дека без етничка графа нема Охридски рамковен договор? За жал, оваа авто-цензура не запира кај институциите, туку се прелева во секојдневниот живот на граѓаните. Слушам за родители кои веќе се прашуваат дали да им пеат македонски песни на своите деца за да не бидат жигосани како шовинисти. Слушам за автори кои се прашуваат дали вреди да објавуваат книги за Македонија. Има компании кои не знаат што ќе биде со нивните напорно градени македонски брендови. Наместо доблест и чест, љубовта кон татковината станува грев – рече Иванов.

Тој порача дека до последниот ден од својот мандат ќе го брани суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија од внатрешните и надворешните предизвици и закани и дека од тоа нема да отстапи по никоја цена.

– Не можете да ја сакате Македонија а да не ги сакате Македонците. Не можете да ја сакате Македонија, а да не го сакате Македонскиот народ. Зошто ние да бидеме единствената држава без државотворен народ на Балканот – рече Иванов кој уште еднаш го повтори својот став дека со спогодбата од Преспа се негира македонскиот народ, а со слободното толкување на договорот со Бугарија се деконструира македонската историја, а со Тиранската платформа и противуставниот закон за употреба на јазиците се прави обид за демонтирање на македонската држава.

Претседателот истакна дека неговиот говор не е последно обраќање и отчет за сработеното во овој втор негов мандат, за тоа се уште е рано со оглед на тоа што неговиот мандат, како што рече, завршува на 12 мај следната година.

– Кога на 12 мај 2014 година го презедов мандатот втор пат,  тука во оваа сала дадов свечена заклетва како претседател на Република Македонија и врховен командант на АРМ ќе ги бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и незаисноста на РМ од внатрешните и надворешните предизвици и закани. Во таа изјава стои дека ќе ги бранам Уставот и уставниот поредок на РМ. Денес од ова исто место повторувам дека до таа моја заклетва ќе продолжам до последниот ден од мојот мандат и од тоа не мислам да отстапувам. Имам многу добра причина за мојата решителност бидејќи токму за време на овој втор мандат РМ се соочува и со внатрешни и надворешни закани и ризици по нејзиниот суверенитет, територијателен интегритет и независност – рече претседателот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...