Пристапувањето во НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија, што ќе придонесе за напредок и просперитет на целиот регион, му рекол шефот на државата Ѓорге Иванов на секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави, Џејмс Норман Матис.
– Иако не сме во НАТО, нашата армија е НАТО компатибилна, и за тоа сме благодарни на САД. Тоа е влог во иднината. Мораме да бидеме подготвени за новите закани и новите предизвици – порача претседателот Иванов на средбата со секретарот за одбрана на САД.
Шефот на државата истакнал дека Армијата на Република Македонија со својата професионалност и високо рангирана борбена подготвеност е докажан партнер на НАТО и континуирано придонесува во меѓународните мировни мисии на Алијансата.
Интензивирањето и унапредувањето на севкупните билатерални односи со САД, додаде претседателот Иванов, се од долгорочен интерес за Република Македонија.
Иванов потенцирал дека Република Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД и дека и натаму ќе се залага за безбедноста, слободата и демократскиот напредок на регионот и активно ќе придонесува во заедничките активности во борбата против тероризмот и останатите закани на глобално ниво.
Шефот на државата се заблагодарил за поддршката што САД ја дава на Република Македонија со цел унапредување на реформите во одбраната и безбедноста, како од аспект на финансиска, така и практична и техничка поддршка преку учество во заеднички обуки, вежби и мисии. Претседателот Иванов изрази задоволство и од соработката со Националната гарда на Вермонт.
На средбата биле разменети мислења за тековните политички случувања во Република Македонија, за евроатлантските перспективи на земјата и за билатералната соработка меѓу двете земји во областа на одбраната и безбедноста.