Во Уставот единствено треба да влезе клаузула што ќе се однесува на договорот што евентуално би се постигнал со Грција и која ќе го утврди нашето име за меѓународна употреба. Други промени не треба да има, рече уредникот и новинар Бранко Геровски во денешната дебата во „Само вистина“ на Канал 5. Според него, „ерга омнес“ значи едно име за сите употреби во меѓународната заедница, а не и за идентификација внатре во државата.
Неговиот соговорник, новинарот Зоран Иванов, поранешен портпарол на Владата и на екс-претседателот Бранко Црвенковски, пак, смета дека промената на Уставот е неопходна, бидејќи позициите на Грција во спорот бараат „ерга омнес“, што според него значи едно име за сите употреби, дома и надвор.
– Ако Грците бараат „ерга омнес“, да им дадеме „ерга омнес“. Македонија ќе влезе во НАТО и не губи ништо со „ерга омнес“ – рече Иванов, кој верува дека ако дојде до решение за компромисно име, во Собранието ќе гласаат и власта и опозицијата.
Геровски смета дека во моментов парламентарното мнозинство не може да го промени Уставот и да изгласа промена на името и за внатрешна употреба.