Има ли право претседателот Ѓорге Иванов да ги помилува осудените во случајот „27 април“, е прашање околу кое повторно се вжештува расправа меѓу правните експерти чии аргументи се спротивставени како да станува збор за политичка дебата, а не за толкување на законски правила и принципи.
Тие што го охрабруваат Иванов мандатот да го заокружи со помилување на осудените во настаните од крвавиот четврток, се повикуваат на правото на правично судење и неселективна правда на секој македонски граѓанин. Тука, пред сѐ, алудираат на амнестираните, а особено на пратеникот Крсто Мукоски кој ги отвори вратите на Собранието, а беше ослободен од кривична одговорност. Оттаму го советуваат претседателот да го искористи своето право пропишано во Законот за помилување кое вели дека „претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување, пропишана со законот кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано“. Оправданоста во случајов се бара токму во прекршувањето на правото на неселективност и правично судење.
Оние пак, што сметаат дека, ако Иванов, ги помилува осудените, тоа ќе го направи незаконски, а по силата на правото (ipso iure), тоа што е незаконски направено ќе доведе до ништовност на помилувањата. Тие потстетуваат дека владата на Груевски кога во времето беше против аболиција во случајот „Глобал“ го укина членот, на кој сега го учат Иванов, да помилува. Подоцна во 2016 година, Уставниот суд одлучи да ги укине измените на Законот за помилување со образложение дека со него „се ограничува уставното право на претседателот да помилува“. Поддржувачите на аболицијата, пак, се со контрааргументи – велат дека Иванов сега има целосно право да помилува, а тоа го тврдат врз основа на одлуката на Уставниот суд со која е укината измената на Законот за помилување, по што автоматски пак на сила стапува старото решение.
За дилемата дали откако уставните судии ќе укинат некоја одредба или член од закон, тој автоматски се враќа на старо, поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Иваноски за Плусинфо, вели дека, аболиција од страна на претседателот во моментов не би можела да има правно дејство, зашто нема член врз основа на кој таа би била правно заснована. Ивановски објаснува дека откако Уставниот суд во 2016 година ги укинал измените во Законот за помилување, за повторно да оживее претходно укинатиот член, требало Собранието да предложи измени и дополнувања на Законот за помилување, па пратениците да ги изгласаат, а не сега да се толкува дека атоматски состојбата се вратила на старото решение.
Тоа е материја која не може да се уредува според потребата на политичарите, истакнува Ивановски и апелира Иванов да не го користи Уставниот суд како алиби за своите одллуки.
– Помилување на осудените во настаните од „27 април“ не само што нема правна основа, зашто врз основа на Законот за помилување нема член кој на претседателот би му ја овозможил аболицијата, туку таков чин на истекот на мандатот на Иванов не би бил ниту морален, ниту етички. Тоа што некој сака Уставниот суд да го користи како алиби е сосема друго прашање – вели Ивановски, според кого, ако се случи аболиција од страна на Иванов, таа не би имала правни последици бидејќи е заснована на непостоечка законска норма.