До каде е истрагата за несреќата во која загинаа двајца млади планинари на Кајмакчалан, што довело до овој трагичен настан и кој е виновникот за трагедијата, праша пратеничката Ивана Туфегџиќ на денешната седница за пратенички прашања која почна пред дваесетина минути.
Туфегџиќ, појасни дека прашањето до Јавниот обвинител го доставила уште во јули, и дека добила одговор во кој , како то рече, биле таксативно набројани сите активности што ги презело обвинителството, но забележа дека има дискрепанца во временските рокови во кои било постапувано.
Таа додаде дека обвинителството, дополнително навело дека треба да се обезбедат докази и од страна на Грција со оглед на тоа што во истрагата на трагедијата се вклучени двете земји, но додаде дека во интерес на јавноста, а и во име на блиските на загинатите планинари, бара одговор за причините и виновниците за трагичниот настан на 11 февруари на Кајмакчалан.
-Има дискрепанца на рокови и месеци, а дополнително е прашањето до каде е сега истрагата, тоа е општествена одговорност. Прашањето го поставувам во име на семејствата, за да има правда и да се дознае што довело до тоа двајца млади да ги загубат животите – рече Туфегчиќ.
Семејствата на двајцата млади планинари Калина Велевска и Александар Миновски неколку пати преку писма во јавноста повикуваа на одговорност, но и одговор на сите отворени прашања од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија околу начинот на кој се организираат планинарските тури во Македонија.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески на пратеничкото прашање рече дека ќе одговори писмено.