Интер го доби дербито против Милан. И покрај тоа што фудбалерите на Антонио Конте на пауза заминаа со два гола негатива, сепак во продолжението од мечот за кратко време ја анулираа предноста на „росонерите“ и направија целосен пресврт за победа од 4-2.
Златан Ибрахимовиќ, кој постигна гол и забележа асистенција, не може да објасни како Милан ја испушти предноста и вели дека „росонерите“ целосно се распаднале по израмнувачкиот погодок.
– На паузата се договоривме дека првите 15 минути се клучни, а ние токму во тие 15 минути примивме два гола. Потоа веќе не игравме. Тимот престана да верува, престана да притиска, се распадна. Очекував многу повеќе од Интер во првото полувреме. Во првите 45 минути нашиот противник не изгледаше како тим кој е на врвот на табелата. Но, по паузата ни покажаа зошто се таму – изјави Ибрахимовиќ.