Зекир Рамчиловиќ денеска и официјално стана потпретседател на Собранието, но не доби поддршка од дел од коалиционите партнери на СДСМ кои негодуваа уште кога беше поднесен предлог овој пратеник да стане и потпретседател.
– И јас и Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците останавме доследни и не гласавме. Зошто тој мора да биде потпретседател? Ако идејата е на тоа место да биде некој од помалите етнички заедници, тогаш зошто не беше предложен некој што доаѓа од помалите партии кои се во коалиција со власта – вели за Плусинфо, Самка Ибраимоски од Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР).
По жестока дебата во Собранието, Рамчиловиќ денеска беше изгласан со 62 гласа „за“ и 12 „против“. Тој доаѓа на местото на Весел Мемеди од НДП, кој кога беше владината реконструкција се налути и си даде оставка бидејќи му беше одземен ресорот локална самоуправа. Рамчиловиќ, пак, беше дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а по гласањето за уставните измени во јануари годинава, заедно со уште седум други пратеници, беше исфрлен од коалицијата. Потоа тие формираа нова пратеничка група во која Рамчиловиќ остана до 1 ноември кога до претседателот на Собранието, Талат Џафери, испрати известување дека ќе дејствува како независен пратеник. По излегувањето од „осумката“, во јавноста веднаш излезе и предлогот тој да биде нов потпретседател на законодавниот дом.
Помалите партии кои се во коалиција со СДСМ уште тогаш покажаа бунт.
– Одлуката Рамчиловиќ да биде потпретседател на Собранието е непринципиелна. Рамчиловиќ ја девалвира пратеничката функција. Не може пратеник кој во еден мандат сменил три партии да биде предложен за потпретседател на парламентот – изјави за Плусинфо тогаш пратеникот Енес Ибрахим.
Денеска, пак, откако беше изгласан, Рамчиловиќ се огласи и преку соопштение во кое ги спомна токму пратениците од помалите етнички заедници, посочувајќи дека се надева дека ќе стане пракса во секој понатамошен парламентарен состав еден од потпретседателите да биде од редот на помалкубројните заедници.