Партијата за целосна еманципација на Ромите преку соопштение реагира на вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во која тој побара лидерска средба во помал формат, на која ќе присуствуват претставници на четирите најголеми партии.
„Господине Мицкоски, манџа без лажица не се јаде, треба да знаеш дека ние, помалите партии, сме лажицата и уште нешто што е многу битно, ние не сме мали партии, ние сме исти како и вашата партија, затоа што кога се регистрираме на секои четри години собираме потписи колку и вие, односно 1 050 потписи заверени на нотар, значи не сме мали партии, исти сме“, се наведува во партиското соопштение.
Од Партијата за целосна еманципација на Ромите бараат Мицкоски да не ги дискредитира партиите кои во Собранието имаат свои преставници и го потсетуваат дека и неговата партија добила повеќе пратеници благодарение на помалите партии.
„Етничките заедници во Македонија се 20 проценти и таа бројка одлучува за многу нешта во Македонија, затоа ви укажуваме да излезете пред македонска јавност и да им се извините на сите мали политички партии, како вие кажувате, а што не е така, дека сте биле во некоја си афектна состојба и тоа сте го кажале“, реагираат од Партијата за целосна еманципација на Ромите и му порачуваат на Мицкоски дека торта без шлаг не бидува.
„Ние сме шлагот на тортата Турците, Бошњаците, Србите, Власите, Торбешите, Хрватите и сите други кои живеат во Македонија“, се вели во соопштението.