Тибеќанците бараа засолниште во Индија од кинеската инвазија пред 60 години, но се соочуваат со економска несигурност и лош третман.
Долг период, 34-годишниот Кунсанг Тензинг размислувал за тоа да ја напушти Индија. Неговото семејство го стори тоа пред многу години. Повеќето од неговите најблиски пријатели исто така се преселиле.
Во период од седум години, тибетската бегалска заедница во Индија се намали за 44 отсто, од околу 150.000 во 2011 година на 85.000, според податоците на индиската Влада.
Тибетските власти велат дека мнозинството одат во земји како што се САД, Канада, Германија и Швајцарија. Некои се враќаат на Тибет.
Во над 40 земји, тибетската дијаспора има 150.000 луѓе, велат тибетските власти.
Овој месец оваа заедница слави 60 години во Индија по кинеската инвазија на Тибет во март 1959 година.
Ако продолжи оваа емиграција, што ќе остане од оваа заедница во Индија, земјата во која нивниот духовен водач далај-лама побара засолниште и го направи својот дом?
-Многу е тешко да се заработат пари тука. Тука речиси не постојат работни места, вели Тензинг.
Тибеќанците не се официјално признати како бегалци во Индија. Наместо тоа, на хартија се означени како „странци”. Индија одби да ја потпише Конвенцијата на ОН за бегалци од 1951 година.
-Како резултат на тоа, на Тибеќанците не им е дозволено да извршуваат државни работи. Понекогаш, дури и универзитетите не ги прифаќаат тибетските студенти, вели Сонам Норбу Дагпо, портпарол на Централната тибетска администрација (ЦТА), тибетска влада во егзил, со седиште во Дарамшала, Индија.
Дагпо вели дека бројот на Тибеќанците кои бегаат од кинеската власт е намален, од околу 3.000 годишно на околу 100 минатата година.
Економските причини се клучни; многу Тибеќанци велат дека е тешко да се купи имот и да се добие кредит од банка, што остава малку опции за нив.
Покрај тоа, недостигот на индиска отвореност во врска со поддршката на тибетската борба ги прави луѓето нервозни.
Минатата година, Владата издаде директива со која им забрани на бирократите и на водачите да присуствуваат на настаните организирани од страна на ЦТА по повод 60 години во Индија. Оваа директива дојде во време на неформалниот самит меѓу индискиот премиер Нарендра Моди и кинескиот претседател Си Џинпинг. Посрамената ЦТА беше принудена да ги откаже настаните на кои присуствуваше далај-лама и да ги одржи надвор од Њу Делхи.
На улиците на Меклод Ганџ, мало ридско гратче во северниот дел на Индија, кој е де факто главен град на тибетската заедница и дом на далај-лама, речиси секој има приказна за болната сепарација.
Јангзом Церинг, 29, роднините го прошверцувале во Индија од Тибет веднаш по раѓањето. И двајцата нејзини родители починале кратко време потоа. Церинг отсекогаш копнее да се врати на Тибет за да ги види браќата и сестрите кои сѐ уште живеат таму.
-Мојот брат ми вели дека треба да се вратам дома. Ги проверив сите опции, но (враќањето на Тибет) е многу тешко. Минатата година нејзиниот брат починал. Измачена од грижа на совест, таа сега чувствува потреба да преземе поголема одговорност за своето семејство и планира да мигрира во Канада.
-Но не е лесно да се замине таму кога сте бегалец. Ниту една држава не ве сака, вели таа.
Идентитет надвор од политика
Тензинг се обидува да ги забележи приказните на луѓето како него – бегалци од Тибет кои бегаат од кинеската окупација, барајќи нов живот во Индија додека се обидува да не изгуби надеж.
„Приказни на Тибеќанците“ (СоТ), новата инцијатива на социјалните мрежи, успеа да собере околу 16.000 следбеници на неколку платформи. СоТ е замислен така за да го истражи тибетскиот идентитет надвор од политичката борба.
-Ние сме многу повеќе од тоа – нашите секојдневни животи, борби и радости и начините на кои нашата борба нè обликува, вели Тензинг. – Како општество се менуваме многу брзо и има итна потреба да го забележиме нашето моментно постоење пред да исчезне, вели тој.
Меѓу луѓето што се нашле во оваа иницијатива е 23-годишната Тензин Чокис, која преживеа канцер. За канцерот ретко се зборува меѓу Тибеќанците.
Само еден месец по неговата смрт во 2012 година, Чокис откри дека нејзиниот татко починал од рак.
-Сакав да го променам тоа, вели Чокис. Нејзиниот пост е разгледан повеќе од 45 000 пати. -Луѓето пишуваа дека не знаеле дека ракот влегол во тибетската заедница, вели таа.
Тензинг неодамна ја објави приказната за една 24-годишна анонимна тибетска жена, која сама, пеш, заминала во Индија поради нејзиниот татко – злоупотребувач. Друг пост се фокусира на маж кој станува носталгичен по неговите иселени пријатели секој пат кога ќе ја види тетоважата „надеж” што сите заедно ја направиле.
Јеши Коедон, професор на Универзитетот „Џавахарлал Нехру“ во Њу Делхи, смета дека оваа иницијатива може да послужи како витална колекција на орални истории.
-Досега речиси ништо не е забележано за тибетската заедница на бегалци, вели тој.
Во повеќето случаи фокусот е на политичката борба. Оваа иницијатива ќе го подобри разбирањето на обичните Тибеќанци во егзил.
СоТ сега се вбројува во документарци.
Најновата приказна е за двајца тибетски браќа кои повторно се сретнаа по една деценија. Тие се разделиле кога едниот брат успеал да избега од Тибет и да дојде во Индија, додека другиот бил двапати уапсен на Тибет додека се обидувал да тргне на пат.
Тензинг вели дека работата во заедницата му помага да ја надмине сопствената осаменост.
-За возврат треба да ѝ дадам нешто на заедницата, вели тој, барем уште неколку години. Но, после тоа би можел да мигрирам, објаснува тој.