Зошто се плукаат и караат СДСМ и ВМРО!?

661

Почуден народ од нас нема. Во сѐ можеме да бидеме шампиони. Рамен ни нема и во плукање и во карање па и во пцуење. Да се „цуцулиме“ и да се фалиме тука сме. Никој не може да нѐ надмине. Еве за референдумов на пример. Сите работи ги оставивме само и само да се плукаме, караме, да си докажуваме кој е прав, а кој виновен. На никого не му е гајле што градовите ни останаа празни, што нивите се неизорани, што лозјата се напуштени. Со денови, а и ноќи, сѐ една иста песна слуша народецов наш. Едните велат:
„Тргаме за Европа. Македонија заслужува подобар живот. Заслужува да биде во друштво со најбогатите и насилните. Доста бевме газени. Македонци сме и Македонци засекогаш ќе останеме. Редно е Македонија и македонскиот народ да видат добрина и да застанат на здрави нозе!“.

Другите ни дај ни придај. Не даваат. Велат:

„Тука сме се родиле и тука ќе умреме. Македонија е наша мајка и не ја менуваме“.
Ама од ден на ден чувствуваат дека се сѐ помалку. Како балон се издишуваат. Го губат здивот. Свесни се дека ја губат битката. Знаат дека не можат да победат. Нивните редови се сѐ пократки. Сончогледите заминуваат кај првите. Се разбира најмногу за интерес. За да не ја изгубат работата, егзистенцијата. За партијата не им е гајле.

Водачите, и тие се ретчат, не попуштаат. Паѓаат на колена и молат. Измислуваат дека и овие биле како нивните. Дека и овие краделе, местеле тендери. Поднесуваат кривични. Па кривична му „тутнаа“ и на премиерот Заев. Не за друго туку поради тоа што на гости му дошле најголемите од Европа и од Америка. Криво им е бе. Нив, за единаесет години, никој не им дојде. Лидерот на ВМРО професорот Мицкоски уста не затвора. Плука, вика. И тој и тие околу него добар збор не кажаа. Како да заборавиле што рекол народот: „Добриот збор и железни врати отвара, а лошиот ги затвора!“.

Токму така. А тие упорно со главата во ѕидот. А тој не се ни помрднува.
Референдумот ќе се одржи. Наредниот ден, по него, повторно сонцето ќе изгрее. Повторно Македонија ќе биде Македонија. И да ја викаат Република Северна Македонија или ФИРОМ, или Република Македонија таа ќе биде Македонија и луѓето во неа ќе бидат Македонци. И секогаш ќе останат Македонци и тука и било каде во светот. Зошто тогаш се плукаат, се караат, се пцујат и СДСМ и ВМРО!?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...