Ако го погледнете списокот на најбогатите Американци, ќе видите дека на врвот на листата се наоѓаат оние коошто измислиле нешто ново и сето тоа успешно го валоризирале, независно дали се работи за производство на нов медиум или нов автомобил. Кај нас, пак, најбогатите луѓе своето богатство го стекнале со некаква прераспределба на опшественото богатство или поточно речено, со арамилак.
Во Македонија, драги мои, нема поголем бизнис кој на овој или оној начин не е поврзан со политиката. Ете затоа, кај нас политиката ја сметаат за најдоходовна професија. Во нормални држави, политиката значи многу обврски а малку привилегии.
Оваа нашава држава се претвори во еден голем панаѓур, на кој сè е на распродажба. И државата, и угледот, и честа, и моралот… Овде нема никакви ограничувања и сè е дозволено.
Распродажбата, пак, трае од осамостојувањето до денес и истата оди добро и за оние кои продаваат и за оние кои купуваат. Истовремено, таа распродажба има катастрофални последици по системот и по граѓаните.
Погледнете ги земјишните латифундии од по 2000-3000 хектари, коишто им ги дадоа на тајкуните или на оние којшто претходно зедоа се што можеше да се земе. Зедоа и своите пари ги однесоа во Швајцарија или на Кипар.
А што мислите зошто нашиве тајкуни своите пари ги чуваат во странски банки? Затоа што тие добро знаат во каква држава се збогатиле и се свесни дека со секој нов преврат, нивното богатство може да отиде во неповрат.
Своевремено, откако Константинопол паднал во рацете на Османлиите, султанот ги повикал најбогатите граѓани и ги запрашал зошто не дале пари за одбрана на градот и империјата. Тие, пак, мислејќи дека султанот ќе се смилува, му одговориле дека парите ги чувале за да можат нему да му помогнат поуспешно да владее со градот.
Но султанот не бил шутрак и добро знаел со кого си има работа и затоа заповедал на сите нив да им ги пресечат главите. Образложението на султанот било следно: тие на сопствениот град и на својот народ не му помогнале, па сега мене ќе ми помогнеле?!
(ФБ статус на авторот)