FA – Фокстрот Алфа (Филипов Александар), работам во Контрола на летање веќе 20 години и ова се моите иницијали кога преземам фреквенција на работното место, ја почнува својата приказна контролорот на летање Александар Филипов.
Што претставува моето работно место – контролор на летање? Непредвидливост, динамика, адреналин, задоволство од добро завршена работа, секојдневен предизвик… и безброј пати да треба да бирам професија, повторно би ја одбрал истата! Го имам истиот ентузијазам како и првиот ден иако, морам да признаам дека пред да аплицирам не бев целосно свесен што ме очекува.
Кога излезе конкурсот за контролори на летање, јас како студент на Електротехничкиот факултет мислев дека ќе бидам во предност поради факултетот, но тоа што всушност е потребно за ефикасен контролор на летање е: одлична просторна ориентација, брзо расудување, мултитаскинг, аналитичен ум и високa самодоверба која помага во брзината на донесувањето одлуки.
За конкурсот во 1997 година дознав од дневен весник и моите родители ми предложија да се пријавам. На почетокот бев скептичен, сè ми изгледаше многу недостижно. Помислував дека е потребно да имаш шест факултети или татко ти да е генерал за да можеш да аплицираш и да очекуваш да те примат. Но воопшто не е така! Во оваа професија многу поважни се личните карактеристики, одговорноста и желбата за постојана едукација.
Аплицирав, ги поминав тестовите, и еве ме денес!
Првите четири месеци се обука во училница, каде треба да се научат сите видови летала, законите на авијацијата, структурата на воздушниот простор, навигацијата, аеродинамиката, метеоролошките временски појави и други релевантни предмети.
Овој дел од обуката го завршив под менторство на инструктори на данската Академија за воздухопловство, а понатаму продолжив со обука на симулатор, за потоа да почнам обука со инструктор на работното место, која траеше неколку месеци.
Мојата прва дозвола е контролор на кула Скопје, тоа значи дека ги полетувам и слетувам воздухопловите на скопскиот аеродром. Основни алатки за работа ми се: вид, слух и говор, надополнети со уреди и средства кои ми овозможуваат поголема контрола над авиосообраќајот. Комуницирам директно со пилотите, издавам одобренија и се грижам за безбедноста на сите воздухоплови кои се на мојата фреквенција 118.5 МHz.
Меѓутоа, мојата обука не заврши тука. Оваа работа бара постојано надградување и одржување на компетентноста. Имав можност да се усовршувам во многу европски центри за обука во Луксембург, Мадрид, Софија, Белград, Малме, Прага,… што е уште една убавина на нашата работа – да се чувствуваш навистина дел од европското семејство.
Како изгледа еден ден на контролор на летање?
Контролорите на летање кај нас работат во три смени, прва, втора и трета. Типичниот работен ден почнува со брифинг на работно место за моменталната состојба, нестандардни летови, писта во употреба, воени планови, и веднаш по објавувањето на распоредот од шефот на смена почнуваме со работа. Може звучи сериозно, но всушност работната атмосфера е прилично релаксирана.
Со оглед на тоа дека сега се отвораат нови места за контролори на летање, верувам дека ќе имаме квалитетни кандидати. Им порачувам на сите амбицизони млади луѓе да се информираат, а во исто време и да не се плашат ако веруваат во себе. Условите за аплицирање можете да ги видите на следниот линк: http://mnavigation.m-nav.info/?p=4332&lang=mk
Познат факт е дека платите се високи, но да поминете една седмица со мене, ќе знаете и зошто. Со среќа!
(промотивен текст)