Новиот лектирен список за основното образование за учебната 2019/2020 година, кој деновиве го објави Бирото за развој на образованието (БРО), беше дискутиран на денешната трибина посветена на актуелната состојба и статусот на литературата за деца, организирана од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Учесниците се согласија дека насловите кои влегуваат во списоците за лектири треба да бидат во чекор со новото време, но притоа да се имаат предвид и класиците како уметнички издржани книжевни дела што треба да дојдат до децата. Важен е и соодносот меѓу странски и домашни автори и на насловите кои се задолжителни наспроти тие што се во списокот на изборни книги.
За претседателката на Друштвото на писателите на Македонија Соња Елзесер-Стојменска е несфатливо како Кочо Рацин е ставен во изборните наместо во задолжителните лектири, изоставен од основното бидејќи како автор се изучува во средното образование.
– Ме зачуди зошто Кочо Рацин е ставен во изборна лектира, која треба да биде што поширока и лежерна. Рацин е наш канон. Дали средното училиште е времето каде што „Ленка“ треба да ја сретнат првпат? Основната програма треба да биде она што е национален канон и првичната база на светска литература што треба да ја знае секое дете – рече Елзесер-Стојменска.
Советничката од БРО за настава по македонски јазик и литература Марина Димитриева-Ѓорѓиевска рече дека изборниот дел е отворен и постојано ќе се дополнува. На сметка на тоа, рече таа, нешто за кое ќе утврдат дека не функционира во наставата, ќе се повлекува во соработка со наставниците и учениците. Главниот принцип бил задолжителната литература да е поврзана и да ѝ помага на наставната програма, а изборната да нуди поширока рамка за авторите, жанровите и за стиловите. Таа посочи дека списокот е резултат на истражувања и анкети и нагласи дека изборот можеби не е најдобар, но се стреми да биде таков.
– Поместувањето на Кочо Рацин во изборната литература е затоа што наставната програма во основното по македонски јазик не вклучува изучување автори, туку изучување на литературните родови и видови. Така што, Рацин е, секако, дел од часовите како илустрација, да речеме за социјална поезија, и оставивме наставниците да го изберат доколку сметаат дека им е потребно во текот на часовите во основно. Но во средното образование тој никако не е одминат и го има во сите видови средно образование – рече Димитриева-Ѓорѓиевска.
Поради реакции од родителите кои сметаат дека некои лектири се тешки за разбирање, одредени наслови се поместени во погорни одделенија. Така, „Малиот принц“ на Егзипери сега ќе биде задолжителна во деветто иако, како што рече, Стојменска-Елзесер, тоа е книга која ги учи децата да не читаат фактографски, туку да го читаат и она што е зад текстот и да ја развиваат имагинацијата.
Претседателката на ДПМ смета и дека има подобрување во балансот меѓу светски и македонски автори, особено во изборните, посочувајќи дека сега ќе учат и за словенската митологија, а не само за старогрчката и римската.
Универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска ја истакна важноста на литературата за деца во оформувањето на личноста и дека тие книги го пренесуваат читателот, како што рече, од брегот на детството до брегот на возрасните.
– Во тоа лежи и нејзината најголема порака да му се помогне на младиот човек во сложениот процес на себеспознавањето и да му покаже дека во тој процес тој млад човек не е сам. Многупати во тој процес помагаат токму книгите за деца и млади – рече Мојсова-Чепишевска.
Директорката на Библиотеката „Браќа Миладиновци“ Сузана Данаилова рече дека имаат повеќе возрасни корисници отколку деца и затоа организираат промотивни кампањи за да ги поттикнат најмладите да читаат и да ги посетуваат библиотеките.
На трибината, на која гостуваа наставници и ученици од скопски основни училишта, беше посочено и дека литературата за деца мора да има врвен квалитет и затоа во издавштвото во светот таа е најважен сегмент. Покрај содржината, книгите за деца треба да бидат привлечни и беспрекорни, да немаат никакви грешки, да имаат совршени илустрации, добар графички дизајн и пресметан проред што на детето ќе му овозможи удобност при читањето.