Њујорк тајмс – Њујорк
Жули Дуиб го остави партнерот кој ја злоупотребувал. Таа пријавила насилство најмалку десетина пати. Откако ја принудил да се откаже од старателството над нивните две деца за време на викенди, таа ѝ рекла на полицијата дека тој има дозвола за оружје и оти се плаши дека ќе ја убие.
– Госпоѓо, жал ни е, ѝ рекол полицаецот – раскажува таткото на Жулин. „Не можеме да му ја одземеме дозволата, освен ако тој не го употреби пиштолот против вас“.
Тоа и го сторил 48 часа подоцна и испукал два куршуми во градите и во раката на Жули. „Тој ме уби“, рекла таа додека умирала кога ја пронашла сосетката Марис Сантини.
Смртта на Жули во март го истакна проблемот со семејното насилство и тешкотиите со кои се соочуваат жените во Франција во обидите полицијата сериозно да ги сфати пријавите. Таа беше триесетта жена убиена од партнер во Франција годинава, и оттогаш се убиени повеќе од 70 жени. Според податоци на Владата, во Франција секој трет ден сегашен или поранешен партнер убива жена.
Проблемот го привлече вниманието на француската јавност откако претседателот Емануел Макрон почна да го користи терминот „фемицид“.
Според последните податоци на Евростат од 2015 година, во Франција годишно се убиваат повеќе жени отколку во Велика Британија, Холандија, Италија или Шпанија. Во Западна Европа, само Швајцарија и Германија се пред Франција. Затоа француските власти почнаа да обрнуваат внимание на овој проблем.
На 3 септември Владата почна национална дебата насочена кон борба против семејното насилство. Францускиот кривичен законик не го признава фемицидот, но Марлен Скјапа, министерка за родова еднаквост, рече дека ќе има дебата за тоа. Процесот на консултации ќе продолжи до 25 ноември. Во текот на дванаесетте недели, низ Франција ќе се одржат 91 конференција на кои ќе се разговара за начините за спречување фемицид, заштита на жртвите и санкционирање на насилниците.
На конференциите учествуваат функционери, адвокати и обвинители, како и здруженија кои претставуваат семејства и жртви, рече министерката Скјапа.
– Сите оние што вообичаено не комуницираат едни со други, мора да се сретнат и да седнат на иста маса – додаде таа.
Премиерот Едуар Филип најави серија мерки со кои ќе се обезбеди француските власти да бидат поуспешни во спречувањето семејно насилство, од кои едната е создавање унифициран протокол за проценка на заканата и специјализирани судови за забрзување на процесирањето на случаите.
Жули Дуиб пред смртта пет пати побарала против нејзиниот партнер Бруно Гарсија (43) да поднесе кривична пријава. Ништо не е преземено.
Кога Жули Дуиб се жалела дека Гарсија ја исфрлил од заедничкиот стан полугола, во полиција ѝ рекле дека не може да ги земе своите работи затоа што станбениот кредит не е на нејзино име. Кога поднела пријава откако ја турнал по скалите, Гарсија вратил со тужба тврдејќи дека Жули ја оштетила влезната врата.
– Полициската станица треба да биде засолниште за жени кои страдаат од семејно насилство – истакнува Антоанет Салдучи, пратеничка од Корзика, која ѝ рекла на Жули да продолжи да поднесува кривични пријави против Гарсија. „Никогаш не сонував дека системот е толку неефикасен“.
Отсуство на реакција од полицијата не треба да се толерира, смета Лик Фремо, поранешен обвинител и една од водечките личности во давањето помош на жртвите на семејно насилство во Франција.
Тој во 2003 година иницираше воведување мерки со кои се намали стапката на семејно насилство во северна Франција. Секоја пријава веднаш била обработена. Насилниците автоматски се отстрануваат од дома и се носат на консултации со психолози или психијатри. „Тоа е начин да ги охрабриме да размислат за проблематичните начини на кои го изразуваат гневот“, објаснува Фремо.
Во најголем дел постојат јасни предупредувачки знаци дека насилниот модел ќе се претвори во трагедија ако не се стори нешто. Жули Дуиб го напуштила својот партнер шест месеци пред да биде убиена. Гарсија, кога се разделиле, ѝ се заканил дека ќе ја убие доколку не ја напушти Корзика и нивните деца.
– Ѝ беше дадена можност да замине, но остана за да ги заштити своите деца – вели таткото на Жули, Лисјен Дуиб.
На 1 март Жули отишла во полициска станица.
Два дена подоцна госпоѓата Сантини, нејзината сосетка, го слушнала првиот истрел. „Огномет“, си помислила.
Кога го слушнала и вториот, излегла од станот, се качила на вториот кат и се сретнала со Гарсија.
Крвавата трага водела низ отворената врата на станот кон балконот. Марис Сантини ја фатила Жули за рака и врескала барајќи помош. Но, беше предоцна, вели Марис.
Гарсија мирно отишол во полициска станица, го предал пиштолот и го признал злосторството.
– Жули направи сè како што треба – вели нејзиниот татко. – Штом собра храброст да зборува, таа пријави насилство. Веруваше дека правосудниот систем ќе ја заштити.