Кој е Алексис Ципрас – грчкиот метеор во екот на финансиската криза
Алексис Ципрас е роден во Атина во 1974 година и по формација е инженер. На грчката политичка сцена се појавува во деведесеттите години, а првите позначајни успеси ги бележи на локалните избори во Атина како носител на листата на СИРИЗА. Во 2015 кога Грција ја доживува најтешката финансиска и економска криза од своето постоење, партијата на Ципрас победува а тој е избран за премиер на државата. Неговиот политички успех, грчките аналитичари го споредуваа со метеорскиот космички перфоманс. На внатрешен план беше соочен со „строгиот план под директивите на Европската комисија за излез од финансиската криза“ кој предизвика неповолни социјални последици врз животниот стандард на просечниот грчки граѓанин. Опструиран од институциите и олигархијата, никој не му веруваше на овој храбар лидер, на неговата визија дека ќе ја спаси државата од банкрот.
Од оваа битка Алексис Ципрас излезе како победник и успеа да ги смали негативните социјални последици врз неговите сограѓани од „строгата политика на европската тројка“. Презеде повеќе реформи, како што се оние во социјалниот домен, заштитата на најсиромашните социјални групи, пензионерите со ниски примања, како и значајни реформи за подобрувње на статусот на LGBT заедницата, одвојување на црквата од државата. На надворешно-политички план, освен тврдата битка со европската тројка, Ципрас се фокализира на урамнотежување на односите со Турција и особено врз стабилноста на Балканот. Реализацијата на Договорот од Преспа е еден од најзначајните прилози на левичарот од Атина.
Се демонтира чкрапалото наречено „македонско прашање“
Визионерскиот дух на Алексис Ципрас дојде до израз со Договорот од Преспа со кој се регулира дипломатскиот спор околу името со РМ. Во личноста на премиерот Заев, пронајде слична синергија за стабилизација на регионот, но и добивање на нов балкански сојузник. Независно од големото противење на екстремните и конзервативните партии и групи во Грција и Македонија историскиот Договор од Преспа е најзначајниот прилог за номинацијата на Заев и Ципрас за Нобеловата награда за мир. Обременети со 27-годишниот багаж на спорот со името, за мошне краток период како со некоја божествена енергија, Ципрас и Заев секој од свој агол се соочуваат со сопствената политичка судбина: „Како да постапиме? Што да правиме? Дали ќе нѐ поддржи мнозинството граѓани? Дали ќе успееме? Ќе ги ризикуваме ли нашите политички позиции? И решаваат во еден глас: Ќе одиме храбро бидејќи само окото на нашата верба ќе ни помогне да успееме. И тоа го направија заеднички. Со заемен респект, компромис, достоинство, љубов дури и по цена на губење на политичките позиции.
Независно од големите националистички протести, постепено успеваат да ги реализираат своите пацифистички и космополитиски цели во функција на европската идеја. И двајцата мечтаат за еден Балкан според визиите на Е. Кант – Балкано, тоа долгогодишно „Буре на барут“, „мекиот стомак на Европа“, „најтрагичниот и најнестабилниот регион на Стариот континент“ со овој договор и со Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, затвора едно чкрапало наречено „Македонско прашање“ кое со векови беше casus beli, макевијалстички изговор за голем број геополитички игри и стратегии на големите сили.
Тие не се како Швајцер, Мартин Лутер Кинг или Обама, но…
Секако дека Заев и Ципрас не се Алберт Швајцер, Мајка Тереза, Мандела, Обама или Аунг Сан Су Ки. Нивните реализации и репутација не сe како оние на Мартин Лутер Кинг или на Мандела, тие не биле ниту под тортури како што биле многу познати или анонимни борци за правдата и мирот, но тие донесоа нешто ново врз турбулентниот Балкан. Врз стабилноста на регионот сѐ уште се надвиснати аветите на конфликтот помеѓу Косово и Србија и оние врз Босна и Херцеговина.
Меѓутоа, амбициите на Заев и Ципрас се големи, стабилизирачки, примерни, титански. Тие сонуваат за стабилен, мирен и обединет Балкан со заедничките европски вредносни оски за сите народи и заедници. Воедно, свесни се дека не се доволни само институциите, декларациите и договорите за да се гарантира иднината на регионот, туку и економскиот, социјалниот, културниот просперитет и соработка меѓу народите на Балканот и нивното постепено интегрирање во ЕУ.
Нова мировна методологија на Балканот
Потпирајќи се врз политиката на компромис, заемно разбирање, дијалог, солидарност и реал-политиката Заев и Ципрас создадоа методологија која може да биде апликативна и во останатите замрзанти конфликти на регионот. Тие знаат дека лидерите и народите треба самите да изнаоѓаат решенија во директни преговори. Уште во Давос во еден глас изјавија дека за секое недоразбирање, вербален или дипломатски конфликт неопходни се алтернативи, заемно разбирање, дијалог, доверба, пријателство. Тоа го покажаа Атина и Скопје во изминатава година и ќе го покажуваат во иднина. Неопходно е изразот „Балкан“ во иднина да асоцира на интеграција, солидарност, прогрес, мултикултура, пријателство наместо на поделби, масовни миграции, организиран криминал. Заев и Ципрас или Ципрас и Заев се за демократизирање на авторитарните режими и обезбедување на граѓаните еден праведен мир кој се потпира врз владеење на правото, достоинството и благосостојба за сите. Тоа е и основната идеја што ги инспирирала и авторите на Универзалната декларација на ООН по Втората светска војна.
Номинацијата за Нобелова награда за мир е, пред сѐ, награда за „процесот Преспа“
Предлог за номинацијата на двајцата кандидати не се однесува само на личностите, туку пред сѐ, на нивните дела, на процесот Преспа, на дијалогот и помирувањето, на напорите за наоѓање дипломатското решение на конфликтот. Како први луѓе на двете соседни држави, на граѓаните на Република Македонија и на граѓаните на Република Грција, ова меѓународно признание, е пред сѐ, признание за граѓаните на двете држави, но и пошироко.
Признанието кое го бара групата интелектуалци од Македонија и Грција на чело со нобеловката Уидед Бушамауи, е симбол за мирот и добрососедството во името на сите Балканци. Се бара меѓународно признание за изнајдениот клуч со кој се затвораат лошите балкански духови и се отвораат перспективите, позитивните вибрации на мирот, достоинството, соработката, довербата и благосостојбата на сите народи на Балканот. Затоа без никакви комплекси или фрустрации на инфериорност, може да констатираме дека Заев и Ципрас ја заслужуваат Нобеловата награда за мир 2019 за сѐ што направија на внатрешен и надворешен план.