Зошто во тоа колено?

Ќе се обиде ли некој да објасни која е, всушност, целта на политиката на поединечното и колективните раководства на сегашното ВМРО-ДПМНЕ? Со прости зборови?

4872

На крајот ќе се случи следното: очигледно, во Собранието ќе дојде до некакво политичко помирување, после кое, со помош на некаков специјален закон, на некои луѓе од учесниците во насилствата од 27 април ќе им биде простено, со што ќе престане судењето против нив – бидејќи ВМРО-ДПМНЕ реши да го бојкотира тој процес на помирување, не ќе може да си ја припише ни заслугата за ослободувањето на овие луѓе.

Од друга страна, други обвинети за поттикнување, организирање и изведба на настаните од 27 април ќе си го дочекаат крајот на судењето и казните што, соодветно и заслужено, ќе им бидат изречени – бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и денес не се оградува од ова злосторство, ќе си ги припише врз себе криминалите сторени од овие луѓе. На тој список ќе си ги додаде и повеќето други разновидни криминали (минус Мијалков, него го набркаа!) од долгиот регистер на кривични дела, речиси од сите глави на Кривичниот законик, што ги гони СЈО.

Паралелно на ова, ВМРО-ДПМНЕ и официјално влегува во историјата како политичка структура која била против зачленувањето на Македонија во НАТО и ЕУ, поради одбивањето на „Преспанскиот договор“. А и сите вложени напори за блокирање на тој договор пропаѓаат, што значи дека ни името не е „одбрането“.

Дополнително, не ќе можат да го споделат политичкиот профит од мачниот, но со предвидлив растечки успех, пат на Македонија низ евро-интегративните процеси кои на среден рок ќе придонесат за видлив и опиплив социо-економски напредок, како што тоа се случи со СИТЕ земји кои го поминаа тој пат пред нас.

Следствено, односите со меѓународната заедница ќе останат руинирани за догледно време. Следствено, барем во наредните неколку изборни циклуси не ќе можат да најдат коалиционен партнер меѓу албанските партии со кого би можеле да ја споделат власта. Но, тоа и нема да биде особено важно, бидејќи тешко дека (по своја заслуга), во догледно време, ќе бидат во постизборна ситуација да составуваат влади.

Следствено, партијата ќе продолжи да се распаѓа и внатрешно да се расточува по сите финансиски спирали, политички шевови и кадровски вертикали, со неопходност од блокирање и елиминирање на секаков подемократски обид за ревизија на ваквите партиски позиции.

Ете, тоа е она што може да се види со голо око, без премногу да се заплеткуваме во длабоки анализи. Чист здрав разум и ниво на математика два-плус-два.

Според тоа, сето ова води до елементарно НАГРАДНО ПРАШАЊЕ: Со оглед на сето понапред наброено, иако во една блага критичка форма – како што доликува кога, со понадица, се обраќаш до тешко болен – ќе се обиде ли некој да објасни која е, всушност, целта на политиката на поединечното и колективните раководства на сегашното ВМРО-ДПМНЕ? Со прости зборови?

Оние кои ќе дадат каков-таков успешен одговор на ова прашање ќе бидат наградени со продолжен викенд во Будимпешта, за двајца.

За успешни ќе се земат сите одговори кои ќе можат да издржат алко-тест до два промили алкохол во крвта и тест на мокраќа што ќе покаже апстиненција од опојни средства барем во последните две недели. Кандидатите мораат да имаат оформено основно образование. Фала.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...