Зошто арбитража, а не суд?

661

Кога зборуваме за правдата и правичноста, не можам, а да не споменам еден парадокс кој постои кај нас, а тоа е постојаното незадоволство и укажување на граѓаните и деловниот свет за нефункционирањето на правната држава и владеењето на правото, недовербата во судскиот систем, проблемот со долгите судски постапки и со наплатата на побарувањата, а притоа повторно секој правдата ја бара на суд, наместо спорот да го реши преку некој од алтернативните начини за решавање на споровите, како што е арбитражата, кои функционираат и во нашата држава, но за жал многу поретко се применуваат.

Причините за тоа веројатно се состојат во недоволната промоција на постоењето и функционирањето на арбитражата во земјава, недоволната заинтересираност и информираност за предностите од користењето на арбитражата, во споредба со судовите, а секако и навиката за спор да се оди на суд, како вообичаен начин на решавање на споровите кој сите го практикуваат…

Иако за предностите од користењето на арбитражата ние во Комората сме одржале многу семинари, инфо-денови, конференции и директни посети на компании, веројатно тоа не е доволно за да се влијае врз подигнување на свеста за почесто договарање на надлежноста на Постојаниот избран суд – Арбитража при Комората.

За да придонесам барем малку за подобрување на состојбите на тој план, ќе се обидам да ги изнесам предностите од договарањето на надлежноста на Постојаниот избран суд – Арбитражата при Стопанската комора на Македонија, во споредба со решавање на споровите пред суд.

Прво, една од предностите на арбитражата е непристрасноста во одлучувањето. Тоа значи дека со изборот на арбитер странките можат да го сведат ризикот на пристрасност во одлучувањето на најмала можна мера. За разлика од тоа, странките во постапка пред суд не можат да влијаат врз тоа кој судија ќе го води нивниот спор, дотолку повеќе што доколку има какво и да било влијание, тоа повлекува и соодветна одговорност. Стручноста на арбитрите кои учествуваат во решавањето на споровите, кои најчесто се познати и признати експерти во својата област е уште една предност на арбитражниот начин на решавање на споровите. Арбитрите за својата независност и непристрасност во постапката се должни да дадат писмена изјава. Странките можат за арбитер да именуваат специјалист за одредени правни прашања, а можат да именуваат и лице кое што не е правник, но е стручно во некое друго подрачје важно за предметот на спорот.

Степенот на одлучување е една од најголемите предности на арбитражата, од причина што тоа овозможува брзо завршување на постапката, бидејќи во арбитражната постапка за предметот на спорот се одлучува во еден степен. И мајќи го предвид фактот дека „времето е пари“, а задоцнетата правда некогаш и не е правда, јасно е зошто е ова предност, наспроти долгите судски постапки, постапки по редовни правни лекови, вонредни правни лекови итн. Оттука, произлегува и следната предност на арбитражата , а тоа е брзината на постапката. Вообичаено траење на арбитражната постапка е 6-9 месеци, наспроти стопанските спорови кои траат повеќе од една година, а некогаш и многу повеќе од тоа. Дополнително, кратките рокови, односно роковите што ги одредува Арбитражниот суд за поднесување на поднесоците обично не се подолги од 30 дена, што исто така е голема предност.

Имајќи ги предвид условите и опкружувањето во кое живееме, а посебно фактот што секојдневно на вести гледаме сцени од судски рочишта, со кои, често и без да сакаме и без да имаме каков било интерес, навлегуваме во приватноста и проблемите на нечии животи, доверливоста на постапката е нешто што треба да се цени и практикува. Арб итражните рочишта се затворени за јавноста. Целата документација во врска со арбитражната постапка се смета за доверлива, а донесената пресуда може да се објави само во согласност со странките. Во парничната постапка се применува начелото на јавност. Секој има право да присуствува на рочиштата, да бара увид во судската документација и известува за податоците за одредени предмети.

Правосилност и извршност на арбитражната одлука е начело кое подеднакво важи и се применува и за арбитражните пресуди. Арбитражната пресуда е конечна и ги обврзува странките. Арбитражната пресуда е правосилна и извршна. Тоа значи дека странките се обврзуваат пресудата да ја извршат без одлагање, но доколку не се исполни доброволно, истата може да се изврши по пат на присилно извршување.

Предности на арбитражата има уште многу, но за да бидам практична, а во насока на што почесто практикување на арбитражниот начин на решавање на споровите, само ќе ја споделам арбитражната клаузула, која едноставно, треба да се предвиди во трговските договори што се склучуваат, наместо одредбата каде што се предвидува надлежност на суд. Да потенцирам, за да не се погреши: арбитражна клаузула наместо (а не заедно со) одредба за надлежност на суд!

За договарање на надлежноста на Арбитражата за решавање на евентуалните спорови меѓу деловните партнери, се препорачува во договорите да се внесува следнава клаузула:

„Сите спорови кои ќе произлезат од овој договор или во врска со него, вклучувајќи ги споровите за неговата полноважност, ќе се решаваат пред Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, во согласност со одредбите на Правилникот на Постојаниот избран суд – Арбитража.“

Покрај тоа, договорните страни во арбитражната клаузула можат да го договорат составот на арбитражниот суд (арбитер поединец или арбитражен совет од тројца арбитри), јазикот или местото на арбитражата.

(Авторката е  главен советник на УО на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)

ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...