Ризикувам, знам. Ова е хушкачко време. Симплификацијата е основен принцип на разбирање на политиката. Тешко се разбираат и се прифаќаат нијанси. Јасно ми е дека добар дел од читателите, дури и оние со кои, во основа, споделувам слични или дури и идентични погледи за процесот што Македонија неповратно ја води кон нејзината европска иднина, опасно ќе се накострешат веднаш штом ќе го прочитаат насловот на оваа колумна. И ќе запукаат – дагауууу! А насловот го доведува премиерот Зоран (Зоки) Заев во врска со славниот италијански филозоф од 16. век Николо Макијавели, авторот на познатиот филозофски труд „Владетел“ („Il Principe“), од чие презиме е изведен и терминот макијавелизам. Тој термин денес вообичаено се толкува како метод на владеење според кој „целта ги оправдува средствата“.
Се надевам дека и Заев ќе најде време да го прочита овој текст. Пред да го стори тоа, нему (а и на сите намерници), им препорачувам две нешта: прво, да ја имаат предвид сентенцата во која самиот Макијавели вели дека „единствениот начин да се заштитиш од ласкање е да ги увериш луѓето дека нема да се навредиш ако ти ја кажуваат вистината“; и второ, текстот да го прочитаат до крај, или воопшто да не го читаат.
Целисходноста како врховен принцип
Пред да ја одбранам мојата ризична игра со зборови, еве неколку важни назнаки за Николо Макијавели. Погрешно се смета дека со прирачникот за владеење под наслов „Владетел“, поставувајќи ја основната теза дека целосхидноста е основа на владеењето, Макијавели застанува на страната на злото. Напротив. Макијавели смета дека принцовите и владите се далеку најопасните делови на општеството. Неговата студија е непристрасна и таа недвосмислено укажува дека нема морален закон што владетелот не би морал да го прекрши за да остане на власт и да ги оствари своите цели. Книгата на Макијавели, всушност, е првиот филозофско-политички труд во историјата, кој систематски го објаснува светот на реалполитиката. Патем речено, треба да се знае и тоа дека Католичкта црква книгата „Владетел“ во 1559 година ја става во Индексот на забранети книги.
Нејсе, за тие што досега не успеале да ја прочитаат оваа студија, или да прочитаат нешто повеќе за фасцинантниот лик на Николо Макијавели, овде ќе цитирам две негови мудри изреки. Во првата тој ја објаснува претприемчивоста на луѓето: „Претприемчиви луѓе – вели – се оние кои едноставно разбираат дека е мошне мала разликата меѓу пречката и шансата, па затоа се во состојба обете да ги свртат во сопствена полза“. И оваа: „Мудриот човек веднаш го прави она што будалиот го прави на крајот“.
Сега е време да се навратиме на Зоран Заев, на неговата (сѐ уште мислам погрешна) одлука да распише референдум што треба да го легитимира договорот со Грција и на неговиот јасен план, определувајќи се за консултативен референдум, да ја искористи теоретската можност дури и исходот на еден неуспешен плебисцит (без исполнет цензус), доколку повеќето избирачи гласаат „за“, да го протолкува како одобрување институциите да продолжат со имплементација на договорот со Грција во Уставот.
Јас сум човек кој однадвор го посматра процесот што го турка Заев (иако не кријам дека сум и лично заинтересиран тој да успее), па затоа си земам слобода на еден етички дискурс, кој вели дека таквиот план на власта е спорен од аспект на политичкиот легитимитет. Но, Зоран Заев е човек длабоко нурнат во светот реалполитиката (оваа сегашнава не е многу различна од онаа во Средниот век на Макијавели), а згора на тоа, поради својот познат претприемнички дух, тој одлично ги разбира нејзините принципи. И целисходноста како врховен принцип, се разбира.
Затоа, тој ќе стори буквално сѐ што е потребно приказната во која влезе да заврши со среќен крај. „Процесот на консолидација на меѓународната положба на Македонија – напишав неодамна – ќе продолжи, рестловите на стариот режим ќе бидат елегантно, хируршки отстранети, а досието за палавоста на новата власт веќе се пишува“. Заев, не само што тоа совршено го разбира, туку ја игра играта со видливо задоволство. Со двојно задоволство, би рекол. „А двојно задоволство – ќе напише Макијавели – е да се измами измамникот“.
И ние ли сме „зокијавелисти“?
Ете, тој дух, таа решителност, ако сакате и таа леснотија со која Заев ги отфрла малкуте вистински и мноштвото лажни (морални) скрупули со кои се оспорува неговиот план и се повикува на бојкот на референдумот, од Зоран Заев прават наш модерен „Зокијавели“. Сетете се, трите најважни одлуки на новата власт, почнувајќи од нејзиното конституирање лани на 27 април, преку законот за двојазичноста, договорот со Бугарија и договорот со Грција, во таа смисла, се „зокијавелистички“. Кога добро ќе размислам, дури и мојата (нашата) поддршка на овие одлуки е таква, имено со предумисла во интерес на крајната цел да се премолчат или да се „проголтаат“ дури и некои очигледни слабости на тие одлуки.
Но, таков е светот на реалполитиката. И позицијата на една мала и ослабена Македонија во него. „Зокијавели“ одлучи да биде претприемчив и итар (што изгледа и не му паѓа тешко) и веднаш, уште на почетокот на своето владеење, да го стори она што ние Македонците мораме да го сториме за да опстанеме како такви, значи како Македонци, свои на своето, во сопствена држава, она што и будалите, ако е до нив, неизбежно ќе го сторат, ама на крајот, кога штетите ќе бидат многу поголеми отколку што се сегашниве.
Лично, ќе бев малку посреќен ако во некои други сфери на владеењето, Заев и неговата екипа демонстрираа малку повеќе етичност, макар и на штета на целисходноста – заради впечатокот дека сепак сме добиле власт која суштински се разликува од криминалниот режим на Никола Груевски. Но ете, да се надеваме дека набрзо и тоа ќе се случи. Всушност, идеално е да се случи во пресрет на референдумот, за да нѐ охрабри сите и за да помислиме дека „зокијавелизам“ е и тоа кога во име на една друга многу важна цел, имено заради помирување на трагично поделената нација, Заев би можел да повлече и потези надвор од логиката што ја наметнуваат интересите на неговата партија и на неговата влада.
Многу сум наивен, нели?