ЗНМ, судиите не ни се виновни, Законот не е јасен!

Законот за медиуми вистинските интернет медиуми не ги познава, односно ги третира како немедиуми, а новинарите во нив како неновинари. Тоа не е предност, туку навреда за професионалните новинари во овие медиуми. И таа утка во Законот нема врска со слободата на интернетот – обратно, таа создава хаос, неодговорност и дивеење на психопати кои ги загрозуваат елементарните човекови права и слободи.

1222

Читам, Здружението на новинари на Македонија изразило незадоволство од начинот како Граѓанскиот суд во Скопје и Апелацискиот суд во Скопје го применувале Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. „И покрај јасната одредба во законот, кој ја регулира одговорноста на електронските публикации“, овие судови продолжуваат да ги одбиваат тужбите за клевета и навреда против онлајн медиумите, со крајно несериозно и тенденциозно објаснување дека тие не биле медиуми, а луѓето што работат таму не биле новинари, тврди Здружението.

ЗНМ обвинува „одредени судии“ за ваквото, како што се тврди, „паушално, неодговорно и непрофесионално однесување“ и го толкува како „заобиколен обид за лиценцирање на медиуми и новинари, која е крајно недемократска практика присутна во авторитарни земји“.

Сакам недвосмислено да укажам дека критиката на нашето здружение на сметка на судиите е неоснована, па дури и неодговорна. Вистината е сосема поинаква: ноторен факт е дека Законот на медиуми, во кој се спомнува нејасниот термин „електронски публикации“ (многу добро се сеќавам, во време на донесувањето на законот, под таа фраза се подразбираа онлајн изданијата на постоечките печатени медиуми, на телевизиите и на радијата), вистинските интернет медиуми не ги познава, односно ги третира како немедиуми, а новинарите во нив како неновинари.

Тоа е голема неправда и навреда и за овие медиуми и за професионалните новинари кои работат во нив. Но, судиите не се виновни за тоа, зашто тие мора да се повинуваат на словото и на духот на законот – едноставно, тие не смеат „креативно“ да го толкуваат Законот и под терминот „електронски публикации“ да ги подведат њуз порталите и другите интернет медиуми.

Инаку, интернет медиумите, полека но сигурно, стануваат доминантен сегмент на македонскиот медиумски пазар. Така е секаде во светот. Време е во Македонија да престанат отпорите кон потребата во Законот за медиуми да се постави елементарна законска рамка за дејствувањето на овие медиуми – рамка која ќе биде крајно пермисивна и либерална и апсолутно во согласност со европските стандарди за слобода на интернетот. Никакво лиценцирање или слично глупирање! Но, таа рамка мора да направи разлика меѓу медиумите и парамедиумите и меѓу новинарите и психопатите на интернет, кои себеси се нарекуваат новинари, а тоа сепак не се.

Што да се прави со овие вториве? Да се забранат? Ама не, никако! Напротив. Мора да им се овозможи слободно да егзистираат во интернет просторот, но не како дел од медиумската и новинарската заедница. Тие ентитети навистина се такви какви што сега Законот за медиуми ги третира сите вистински и професионални интернет медиуми – тие се немедиуми и неновинари. И слободно нека си останат такви.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...