ЗНМ: Новинарите помалку напаѓани, но со ниски и нередовни плати

140
20151214 Monday sobranie anketna komisija svedoci soslusuvane nikola gruevski mediumi nadvor izbrkani brkani

И покрај промената на власта во 2018 година нема сериозни промени во медиумската сфера во однос на правната рамка за слободата на медиумите и позицијата на новинарите во редакциите, се оценува во Годишниот извештај на ЗНМ за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија.

На денешната презентација на Извештајот, извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски истакна дека Владата не успеа да ја подобри медиумската регулатива што беше долго време најавувана, бидејќи, како што посочи, измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој требаше да создадат подобар амбиент за работата на медиумите се уште не е усвоен во Собранието. Според него, охрабрува тоа што власта и опозицијата се блиску до договор и се очекува законот да биде донесен до крајот на годината.

– Во 2018 година не само што немаше подобрување на законската медиумска легислатива имаше дури и одредено назадување. Во текот на летните одмори без дебата и нетрансапрентно Владата ги усвои измените на Изборниот законик и Законот на финансирање на политичките партии со кои се овозможи на парламентарните партии да трошат јавни пари за финансирање на медиумскат аполитичка пропаганда за време на изборна кампања и референдум. Ваквите измени ќе имаат негативно влијание врз слободата на медиумите, бидејќи тоа е заобиколен начин за враќање на владините реклами со кои во минатото претходната власт ја купуваше наклонетоста на медиумите и влијаше врз нивната уредувачка политика – истакна Секуловски.

Тој посочи дека постои и неусогласена судска пракса за законот за клевета. Во однос на безбедноста на медиумите, рече дека годинава има одредено подобрување бидејќи бројот на напади врз новинари е намален за трипати, а донесени се и првите судски пресуди против оние што напаѓаа новинари во минатото. Имено, за разлика од лани кога се забележани 18 напади врз новинари во 2018 се регистрирани шест напади.

Сепак, според Секуловски политиката на неказнивост во Македонија има длабоки корени, затоа што од вкупно досега регистрирани 59 напади разрешени се само два. Во извештајот се нотира и дека нема подобрувања ниту во однос на позицијата на новинарите во редакциите, професионалната етика и нивото на цензура.

– Во Македонија речиси пола од новинарите имаат помала плата од државниот просек кој изнесува околу 24.000 денари. Мнозинството новинари немаат договори за вработување на неопределено време, а 19 отсто се привремено ангажирани како  хонорарни работници. Над 55 отсто од новинарите им доцнат платите – рече Секуловски.

Годишниот извештај за показателите за степенот на слобода на медиуми и безбедност на новинарите во Македонија е изготвен во рамки на проектот „Регионалната платформа на Западен Балкан“ и финансиран од Европската комисија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...