ЗНМ: Зголемена тендеција новинарите да бидат мета на говор на омраза

57

Постои благо зголемување на тенденцијата новинарите да бидат мета на говор на омраза. Тоа не загрижува и бараме праксата на неказнивост да престане за да можеме да ги спречиме овие појави, рече на денешната прес-конференција претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски.

Посочувајќи ги како пример последните инциденти и закани кон Ацо Кабранов и новинарската екипа од телевизијата 21, истакна дека ЗНМ изразува загриженост бидејќи, како што рече Чадиковски, фактот дека нема ниту еден случај со судска разврска за говор за омраза во медиумите и оти се уште се чека органите да истражат пријавени пораки на говор на омраза е поразителен.

Апелираше и до судовите и до Јавното обвинителство да почнат да ги процесуираат овие предмети и да ги разрешат. Чадиковски упати апел и до новинарите да се придржуваат до новинарскиот Кодекс при нивното работење, особено за време на избори, кога степенот на етичност мора да биде поставен на највисоко ниво.

Претседателот на ЗНМ уште еднаш нагласи дека говорот на омраза и повикување на насилство против новинарите е апсолутно непрофатливо и претставува директен напад врз слободата на говорот. Посочи дека во последно време новинарите се мета на говор на омраза, наведувајќи ги како пример последните инциденти и закани кон Ацо Кабранов и новинарската екипа од телевизијата 21.

Според Катерина Синадиновска од Советот за етика во медиумите, говорот на омраза може да биде опасен и може да резултира со некаков криминал и насилство, но може и да поттикнува и понатамошна поларизација и ширења на постоечките јазови во општеството.

– Кога ги имате клучните институции и алатки и нивните први луѓе ставиле потпис дека се дел од оваа иницијатива, а на крај да видиме дека нема никаков ефект, тоа не би било во полза за нивните јавни заложби за слобода на говор и спречување на говор на омраза – рече меѓу другото Синадиновска.

На новинарско прашање дали има пристигнато претставки до Советот во однос на изборната кампања, Синадиновска информира дека добиваат претставки и се работи по нив, но сумарно ќе известат во кој дел најмногу бил повреден новинарскиот Кодекс, по завршувањето на изборите.

Под мотото „Почитувај, не мрази“ веќе два месеци се реализира кампања од страна на 17 медиуми, членки на Асоцијацијата за заштита на национални пешатени медиуми, која од денеска се приклучи на Мрежата за борба против говорот на омраза.

Целта на кампањата во првата фаза, појасни Лирим Дулови од Асоцијацијата, е подигнување на општествената свест за негативните последици од говорот на омраза, а следната фаза ќе биде насочена кон барање одговорност од институциите надлежни да постапат кога има говор на омраза, а тоа не го прават.

Мрежа за борба против говорот за омраза, официјално беше промовирана крајот на јануари годинава, а освен професионалните еснафски здруженија, членуваат и НВО, регулаторни тела и сите надлежни институции.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...