Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува вчерашниот инцидент во Клубот на пратеници кога полицијата спречи фоторепортери да го сликаат моментот на пристигнувањето на претставниците на партиите на лидерската средба поради безбедносни причини.
Спорд ЗНМ, раководителот на владината служба за односи со јавност Марјан Забрчанец упатил непримерни коментари кон медиумските работници зашто реагирале на ограничувањата.
– Предупредуваме дека овие инциденти претставуваат директен напад врз слободата на медиумите и обид да се криминализира работата на медиумските работници, кои пред јавноста треба да се претставуваат како опасни луѓе. Дополнително, ваквите непотребни инциденти сериозно ја компромитираат и заложбата на новата власт за транспарентно и отчетно владеење и ни ги враќаат сенките од минатото, велат од ЗНМ.
Ако имало безбедносни причини за воведување нова практика на следење јавни настани, тогаш, смета ЗНМ, полицијата навремено требала да ги извести фоторепортерите и снимателите за тоа и да обезбеди алтернативен начин на покривање на настаните без да се предизвика забуна и нервоза.
– Укажуваме дека обврска и на Владата е да обезбеди пристап на медиумските работници до сите настани од јавен интерес и да осигура услови за непречена работа без притисоци или закани. Секое поинакво однесување нема да ја подобри состојбата со слободата на говорот и ќе ја задржи Македонија на дното на светските листи за овие слободи, вели ЗНМ.