ЗНМ до министерот Адеми: Врз основа на кој закон ги исклучивте новинарите?

222
20150330 Monday 1015 ZNM zdruzenie na novinarite na makedonija

Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува односот на вработените во Министерството за образование и наука и членовите на дисциплинската комисија кон новинарите кои сакале да ја следат денешната седницата на која комисијата требаше да расправа за инспекторот Ѓорѓи Илиевски.

Инаку, против Илиевски е покрената дисциплинска постапка откако обелодени информации кои фрлаат сомнеж околу незаконско унапредување во научни звања на сегашни владини функционери од редовите на ДУИ.

„Присуството на новинарите и на јавноста на седници од овој тип е од исклучителна важност за обезбедување на фер и правична постапка, особено кога се работи за предмет кој е од интерес за пошироката јавност. Омаловажување и непочитување на новинарите кои се на работна задача е недопустливо во една демократска држава бидејќи новинарите се очите и гласот на јавноста.

Според новинарот Васко Маглешов кој се обидел да присуствува на седницата, на новинарите освен што не им било дозволено да присуствуваат на самата седница, им било наложено и да ја напуштат зградата. Притоа, претседателката на Комисијата тоа го направила на своја рака, без да наведе кој закон и го дозволува тоа“, се вели во реакцијата на ЗНМ.

Здружението на новинарите на Македонија го повикува министерот за образование и наука, Арбер Адеми јавно да каже врз основа на кој закон, подзаконски акт или правилник е донесена одлука од страна на дисциплинската комисија за исклучување на јавноста од денешната седница. Исто така, очекуваме од него, да поведе постапка против членовите на Комисијата доколку постапиле спротивно на правилниците за работа и излегле надвор од нивните овластувања.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...