ЗНМ бара Владата да ги врати медиумските реформи меѓу приоритетите

71
20150330 Monday 1015 ZNM zdruzenie na novinarite na makedonija

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) протестира што Владата ги избриша медиумските реформи од Планот за приоритетни реформи 18. Објаснувањето на Владата дека медиумските реформи ги нема во реформскиот план затоа што измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поминале владина процедура е апсолутно неприфатливо за ЗНМ. Усвојувањето на законот за АВМУ во Собрание е заедничка обврска на Владата и на парламентарното мнозинство.

„Ја потсетуваме Владата дека нејзината политичка волја да се бори против политиката на неказнивост на насилството врз новинари не е остварена. Од 59 напади на новинари во изминатите пет години само во два случаи напаѓачите се казнети додека останатите се неистражени, или половично истражени.

Неискрено е што Владата се обидува да ги злоупотреби заклучоците на Советот на Европската комисија за изоставување на медиумските реформи од Планот 18. Самата Европската унија нѐ информираше дека заклучоците на Советот во никој случај не значат дека медиумските реформи не се битни за нивната одлука за започнување преговори за членство со Македонија идната година.

Бараме од Владата да ги врати медиумските реформи во планот 18 и сериозно да се посвети на ветувањата дадени на новинарската заедница и на Советот на Европа за корекција на Изборниот законик, кој летоска беше изменет и дополнет без дебата и нетранспарентно“, се наведува во соопштението на ЗНМ.

Оттаму потсетуваат дека давањето можност со јавни пари да се финансира политичка пропаганда на партиите во медиуми за време на изборна кампања значи продолжување на политиката на владино рекламирање од претходниот режим во поинаква амбалажа. Таа мерка, смета ЗНМ, ќе ги одржи клиентелистичките врски меѓу партиите и сопствениците на медиумите и ги замолчува медиумите.

ЗНМ додава дека законската можност Државната изборна комисија да го следи начинот на известување на онлајн медиумите за време на изборна кампања е апсолутно неприменлива и во спротивност со европските стандарди, и може да има сериозни последици врз слободата на медиумите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...