Значи, можело!

5909

Сето тоа го знаеме или би требало да го знаеме, барем од општа култура… Парламентот е највисок извор на моќта и мора да функционира и да им служи на интересите на граѓанките и граѓаните во секое време од денот и ноќта. Неприфатливо е парламентот на една земја да биде пречка за прогресот на земјата, туку кормилар на процесите. Парламентот мора да биде креативен и ефективен во носењето закони и мерки за добробит на земјата, а не да робува на процедурите и уште помалку на партиските машинерии.

И да, парламентот мора да се ослободи од опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ која бара амнестија за криминалите во замена за референдум и од сличните уцени и притисоци кои доаѓаат од разни други страни, на кои сме сведоци повеќе од една година. Затоа, за поздравување е решението да се забрзаат законските решенија што се однесуваат на Изборниот законик, особено за Државната изборна комисија. Со ова, владејачкото мнозинство на чело со СДСМ манифестира решеност да им застане на патот на опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ кои имаа повеќе од доволно време, додека беа на власт, да го руинираат правниот систем и демократските институции. Парламентот постои за да решава, а не да генерира проблеми.

Но, секогаш има едно но… Остануваат отворени повеќе прашања.

Нема доволно аргументи да се тврди дека измените во Изборниот законик се доволно добри за да обезбедат пристојно ниво на спроведување на изборните процеси како што е референдумското изјаснување наесен и на претседателските избори напролет. Којзнае, можеби и други (предвремени) изборни процеси се пред нас… Целиот процес се одвива прилично хаотично, недоволно транспарентно и со недоволно квалитетно учество на клучните институции. Што се чекаше?

Останува отворено прашањето за бескрајното чекање за многу други нешта. А очигледно можело!

На пример, владејачкото мнозинство можеше да биде порешително и кога се избираше Јавен обвинител.

Кога јавноста очекуваше решителни чекори во спроведувањето правда за криминалното владеење, се калкулираше и веројатно сѐ уште се калкулира со „добрата волја“ на Мицкоски.

Можеше да спроведе мерки за да го санкционира говорот на омразата за превенција од екстремизмот кој се излеа на улиците.

Кога стана јасно дека законот за употреба на јазиците не е најитниот проблем во светот, можеше тоа време да се употреби за други, суштински итни чекори внатре, во земјата. Секоја чест за чекорите од седум милји кои Македонија од дното ја кренаа на лидерска позиција во регионот.

Но…

Кога се обелоденија злоупотребите како што се патните трошоци и други бенефиции за пратениците и функционерите, владејачкото (просто) мнозинство можеше да преземе нешто.

Кога се открија злоупотребите во Државната изборна комисија уште во декември минатата година, можеше да се повикаат на одговорност, а не да се наградат со дополнителни масни бенефиции по поднесените оставки. Истото се однесува и на Државната комисија за спречување на корупцијата. Истото се однесува и на злоупотребите од дузина други функционери и функционерчиња на локално и национално ниво.

Владејачкото мнозинство можеше да покаже решителност и кога граѓанките и граѓаните гласно бараа да се стави вистински крај на владеењето на режимскиот апаратус на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и компанија, што најмногу се чувствува до денешен ден во администрацијата и функционирањето на институциите.

Можеа да изберат министри за здравство и правда побрзо. Други институции беа и се обезглавени предолго… Некои институции можеа да укинат. Очигледно, не мораше и еден Амди и нему сличните да седнат во нови фотелји и да го избербатат демократскиот од на земјава. Имало доволно гласови во парламентот.

Владејачкото мнозинство можеше (и сѐ уште може) да преземе порешителни чекори за спроведување на социјалната и еколошката правда во земјата. Можеа да се погрижат за родовата еднаквост, за образованието, здравството…

Можеа да му застанат на патот на секојдневното кршење на правата на потрошувачите, да ги заштитат граѓанките и граѓаните од извршителите, да ги укинат апсурдните давачки, да ги намалат казните, да ги подобрат условите во затворите, да ги преиспитаат неправедните казни, да ја сопрат урбаната мафија…

Може да се набројат, за жал, уште многу работи што можеше да ги направи простото владејачко мнозинство, институциите, владата и други структури на политичката моќ дадена од Уставот, законите и граѓанките и граѓаните.

Добро е што се одважија, по цена на ризик по сопствените животи да го конституираат парламентарното мнозинство на 27 април 2017, но предолго време тактизираа, а во меѓувреме дадоа простор за реални и нереални разочарувања. Добро е што го презедоа чекорот што ќе го забрза процесот на интеграции, но очекувањата на граѓанките и граѓаните се однесуваат и на други делови од Животот.

Значи, без калкулирање околу бесмислени категории како што е меѓупартиски консензус што во реалноста не се ништо освен уцени за аболиција на криминалот и потези на руските мафијашко-политички структури.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...