На свечена церемонија утре ќе биде подигнато знамето на НАТО пред Владата на Република Македонија, која наскоро ќе го носи името Република Северна Македонија.
На свеченоста по овој повод, како што е најавено од владината прес-служба, ќе се обрати претседателот на Владата, Зоран Заев.
Од зградата на Владата веќе е отстранет натписот Влада на Република Македонија. Се очекува наскоро да биде поставен новиот натпис Влада на Република Северна Македонија.
Од Атина денеска се очекува Вербалната нота со која ќе го информира Скопје дека се ратификувани Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО, и исполнети сите правни услови за влегување во сила на конечната спогодба и уставните амандмани, со што почнува примената на новото име Република Северна Македонија.
Во Службен весник ќе биде објавен датумот на влегување во сила на уставните амандмани и уставниот закон.
Потоа, Република Северна Македонија и Република Грција ќе достават заедничко писмо до генералниот секретар на ООН, со кое го информираат генералниот секретар Антонио Гутереш за датумот на влегување во сила на конечната спогодба, со што се става крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу двете земји. Потоа за промената на името ќе бидат информирани и Секретаријатот на ООН, земјите членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останати меѓународни организации.
Владата формира Интерресорска група која ќе треба да изработи Национален акциски план за спроведување на натамошните мерки и активности, а во рок до седум дена државните институции, граничните премини и диоломатско-конзуларните претставништва ќе треба да ги сменат таблите со новото име на државата – Република Северна Македонија.
Од Владата не очекуваат проблеми од државните институции при користењето на новото име на државата.
Употребата на новото име на државата ќе биде усогласено и со Законот за употреба на јазиците што значи дека таблите ќе бидат напишани и на албански јазик бидејќи, како што изјави неодамна владиниот портпарол Миле Бошњаковски, Албанците се 20 проценти на државно ниво.
Препораки за промена на таблите ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, а секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции ќе добијат насоки за употреба на уставното име