Злетовецот Д.А.(32) синоќа починал откако голтнал непозната прашкаста материја што се наоѓала во најлонска фолија. Веднаш била повикана екипа на итна медицинска помош и Д.А. бил префрлен во Здравствен дом Делчево, каде починал околу 22 часот.
Како што соопшти МВР, синоќа во 19.15 часот на Граничниот премин Делчево на влез во Република Македонија со патничко моторно возило „мини купер “ со бугарска национална ознака се пријавил Д.А. од Злетово, кој го управувал возилото. Како совозач било 18-годишно лице од Пробиштип.
„Извршен е преглед над лицата и на нивниот личен багаж, при што кај Д.А. била пронајденa ќесичка со непозната прашкаста материја. Додека траела постапката спроведена од царинските службеници во еден момент Д.А. ја земал ќесата ја скинал најлонската фолија и непознатата материја ја голтнал“, се наведува во МВР билтенот.
Известен е јавен обвинител, по чија наредба телото е предадено за обдукција. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.