Злато истопено од калдрма, идентитет од бронза

Враќањето на градот во „првобитна состојба“, пред да му се случи вмровската катастрофа 2006 - 2017, на нацијата ќе ѝ го врати достоинството и самопочитта, ќе ја ослободи од соучесништвото во злочинот, ќе го воведе владеењето на правото и ќе ја ослободи нацијата од психопатските заблуди за нејзиното потекло и идентитет, и ќе ги ослободи нашите деца и внуци од проклетството да бидат родени во сенката на Букефал. 

828
grcev

Една од најспектакуларните грешки во областа на градителството, грешка што била исправена дури и на уште поспектакуларен начин, се случила 1896 година, во една ненаселена aвстралиска вукоjебина. Сè почнало три години порано, кога коњот на Патрик Ханан – кој со своите двајца другари патувал низ речената пустелија – ја изгубил својата потковица. Во обид да ја пронајде, среќната тројка почнала да собира грутчиња чисто злато, обилно расфрлани по правливата површина, само талкајќи наоколу и гледајќи в земја, и успеале за ден-два да соберат цели пет килограми од скапоцениот метал.

Овој настан предизвикал стотици, а потоа и илјадници болни од златна треска, да дојдат во Хананс Фајнд – како што е наречено наоѓалиштето, и, откога го собраа целото површинско злато, да почнат да копаат буквално на секој метар од бившата пустелија. Не губејќи време да го евакуираат камениот отпад, Хананс Фајнд – кој изникна како град помеѓу и околу рударските копалишта – бил во трескаво темпо изграден од темели, и изѕидан, калдрмосан и поплочен со камењата што се натрупуваа како отпад во процесот на откопување на чистото злато. Од овој отпад како единствен цврст градежен материјал биле правени и сите куќни ѕидарии, камини и оџаци, буквално сè што не било традиционално правено од дрво.

Најголемото наоѓалиште на злато

Вистинскиот хаос во градот настанал кога во веќе пренаселениот град – и со веќе исцрпените наоѓалишта чисто злато – стасал експертски глас дека сиот отпаден камен од копалиштата бил всушност минералот калаверит, едно ретко соединение што златото – инаку познато по својата хемиска недружељубивост и инертност – како исклучок од целиот периоден систем на елементите, го има направено со тогаш слабо познатиот и неупотреблив метал телур (хемиската приказна е, инаку, една од многуте од возбудливата Кинова хемиска Шехерезада). Згора на тоа, излегло дека калаверитот се декомпонира на ниска температура, што издвојувањето на златото го чини едноставно, и дека од само еден тон камења од тамошниот калаверит се издвојуваат неверојатни 14 килограми злато!

И, што мислите, почитувани читатели, што се случило со градот – кој подоцна се преименувал во Калгурли и станал најголемото наоѓалиште на злато на светот – по експлозивното откритие дека камењата од коишто го соѕидале градот се полни со злато? Откога го истопиле сиот отпаден камен околу копалиштата, жителите на идното Калгурли, запенети како вирусот на златната треска да мутирал во беснило, го разрушиле градот, секоја куќа, ѕид, камин и оџак, и го претопиле сиот градежен камен до последното парче калдрма! Така била исправена најспектакуларната архитектонска и градителска грешка во историјата (се разбира, грешка во изборот на материјал за градба), и тоа се случило без мисла, без емоција, без ниту едно „ама“ или „но“ – секавично, безмилосно и беспоговорно.

Очигледно е дека оваа ретка сказна јасно укажува дека човечките општества, гонети од долните човечки пориви – како што била алчноста во овој случај – не патат од скрупули или други социјални инерции кога ги исправаат своите „грешки“. Кога, меѓутоа, треба да се исправат грешки што настанале како резултат на системски криминал, што бил поттикнат токму од најдолните нагони – од алчност, агресија, страст за моќ и контрола, фашизам, расизам и арогантна глупост и суета, каков што е случајот со спомениците и градбите од вмровскиот мегазлостор „Скопје 2014“, е тогаш работите се тегнат низ време и се наоѓаат бескрајно голем број причини зошто исправањето на „градителските“ грешки е невозможно.

Кога, значи, за исправањето на грешката се потребни, практично, сите човечки доблести, како што се храброста, чесноста, достоинството, самокритичноста, веродостојноста, пристојноста и самопочитта (да не зборувам за добриот вкус, солидарноста и грижата за културата и менталното здравје на идните генерации), тогаш исправањето на грешките, чистењето на градот од спомениците на фашизмот и вмровскиот државно-партиски криминал, се одлага во недоглед, самата дебата за криминалот се одбегнува, се тегне низ време, се релативизира, се нормализира и сака да се претвори во ужас без крај. Зошто е нашето општество толку ефикасно кога греши, зошто толку лесно се градеа најгрдите, најкичерските, тотално неуставни и криминални споменици и градби, зошто толку лесно милијарди евра се претвораа во грди и вулгарни бетонски и камени фекалии, а пак, денес испаѓа дека сме комплетно неефикасно и импотентно општество, потполно неспособно да го исчисти – макар санитарно да го измести – сиот културен отпад што нè претставува како криминогена нација на простаци и скороевци, сè декапацитирани институции и култура испразнета од значење; нација со тешко ментално оштетување на мислата, идентитетот и самоспознавањето!?

Македонците може да се збогатат многу повеќе од трагачите на злато

Но, ако човек малку се замисли – само малку – и ја спореди вредноста на сето злато скриено во градбите и улиците на Калгурли што жителите на градот ја истопија по неговото рушење, со вредноста што граѓаните на Скопје и на цела Македонија ќе ја добијат од рушењето и евакуирањето на вмровските стиропорни, бетонски и бронзени грозоти, ќе заклучи дека Македонците ќе се збогатат многу, многу повеќе од алчните австралиски трагачи на злато. Зашто, враќањето на градот во „првобитна состојба“, пред да му се случи вмровската катастрофа 2006 – 2017, на нацијата ќе ѝ го врати достоинството и самопочитта, ќе ја ослободи од соучесништвото во злочинот – зашто прифаќањето на спомениците на злото е соучесништво во криминалот, ќе го воведе владеењето на правото, и конечно, ќе ја ослободи нацијата од психопатските заблуди за нејзиното потекло и идентитет, и ќе ги ослободи нашите деца и внуци од проклетството да бидат родени во сенката на Букефал и да мислат дека мирисот на гомна што се шири околу него е дел од нивната идентитетска супстанца. Само враќањето на украдената иднина на нашите деца вреди повеќе од златото истопено од онаа австралиска калдрма!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...