Трагачи на злато привлечени од приказни за скриено богатство од Првата светска војна доаѓаат во битолско Мариово. Најчесто доаѓале инкогнито (кришум), а тоа се должело на приказни и легенди дека таму има нешто закопано во време на војната.
Ова го слушнавме кога деновиве бевме на планинарска акција во битолско Мариово. Многумина слушнале за раскажувањата за ловци на богатство, без разлика дали под богатство се подразбира скриено злато или добро старо француско вино. Но, никој не сакаше јавно да зборува за тоа. Но затоа пак најдовме соговорничка која ни ја раскажа исто така интересната животна приказна за тоа како атрактивниот мост кој претставува едно од најубавите архитектонски зданија во мариовскиот крај, од дрвен станал камен.
– Зовиќ е познато по Првата светска војна, но сега е веќе иселено. Тоа оживеа со кафеаната на сред село, каде може да дојдат туристи и да преноќат. Филмот „Прашина“ од Милчо Манчевски, кој е снимен тука, помогна повеќе луѓе да дознаат за селото. Потоа имаше донации за поправка на мостот и за воденицата. Тука сум запознала луѓе од Англија, Германија, Америка, Шведска – за Плусинфо раскажа битолчанката Марија Стојановска.
Таа препорача да се дојде и да се посети ова магично место поради природата, воздухот, органската храна, мирот и тишината. Да се наполнат батериите, да се заборави на проблемите и да се оттргнат зависниците од модерната технологија.
Стојановска често го посетува Зовиќ, каде нејзиното семејство има две куќи. Нејзиниот татко одгледува пчели во селото, а има уште нешто што емотивно ја врзува младата битолчанка за овој крај.
– Мостот кај Зовиќ до 1952 година бил дрвен, луѓето го користеле за да пренесат нешто, да отидат на пазар во Прилеп. На другата страна биле и нивите, луѓето саделе тутун, жито и го користеле овој мост за да преминат. Моите прабаби и прадедовци оделе да пазарат преку овој мост. Еден ден мојот прадедо заедно со дедо ми, кој се уште бил дете тогаш, го поминувале мостот, кога одеднаш се срушил од товарот на воловската кола што ја имале. Прадедо ми заедно со воловите и колата паднале. За среќа, преживеал, но со скршеници на рбетот. Зовичани со помош на мајстори од Струшко го изградиле мостот повторно, но овој пат од камен за да векува – раскажа Стојановска со емоции.
Пред мостот стои насликана токму оваа случка, која им се пренесува на сите посетители.
Прадедо ѝ и покрај тоа што се здобил со повреди на рбетот од оваа несреќа, живеел речиси 90 години. Нејзиниот дедо во моментов има 89 години, па таа вели дека за долговечноста на лицата од Зовиќ, меѓудругото, придонесува и пријатниот воздух во селото.
– Сметам дека ги потценуваме убавините на нашата земја. Се оди на планини по други земји, а нашите места не ги знаеме. До пред некоја година до Зовиќ немаше асфалт. Луѓето и да сакаа да дојдат, немаа како. Вода и струја има во селото. Можеби поради тоа што немаше асфалт, им беше полесно да одат во другите земји. Сега има сѐ што е потребно за да се дојде и да се ужива во магијата на Зовиќ – нагласи младата професорка по англиски јазик.
Таа апелираше лицата кои одат на пикник или на прошетка, да внимаваат каде ги фрлаат отпадоците.
– Во последниве години имаме страшен проблем со фрлање на пластика, хартија и слично. Не било позагадено никогаш. Секогаш кога сме во можност, доаѓаме и чистиме тоа што го оставиле несовесни поединци – додаде Стојановска.
Нагласи оти и е жал за ѓубрето кое се фрла во Градешка Река, каде како мала научила да плива.
– Многу ми е лошо кога ќе ја видам оваа магија уништена со отпадоци – рече Стојановска.
Во селото ја сретнавме и Даниела Стојановска, која ни кажа дека во моментов само во неколку куќи живеат луѓе.
– Тука сум мажена 20 години. Тогаш имаше повеќе народ, сигурно 20 куќи имаше. Двојно повеќе од сега. Сега луѓето се постари, некои се иселија во Битола, каде што имаат роднини. Најстарата жителка во Зовиќ има 87 години. Нејзиниот син доаѓа за викенди да и помага – ни рече Стојановска.
Таа додаде оти за викенди и на лето селото живнува. Нагласи оти работи во град, но во селото се чувствува многу поубаво.
– Порано во селото имало 70-80 куќи со луѓе. Туристи доаѓаат тука на прошетка, знам луѓе од Холандија кои го посетуваат Зовиќ секоја година. Во селото може да сѝ изнајмат за спиење – ни рече битолчанецот Николче Крстевски, кој има викендичка во Зовиќ.
И Аце Трајковски кој како мал живеел овде, а има и куќа во селото, ни рече оти странци доаѓаат да ја видат убавината на ова место.
– Кога бев дете имаше 50-60 куќи со постојани жители – додаде тој.