„Златна виза“ за Груевски

„Златна виза“ се смета за контроверзна бидејжи програмата може лесно да се манипулира и злоупотреби од страна на криминалци што се занмиваат со корупција и перење на пари.

1645

Земји-членки на ЕУ заработуваат милиони евра од продажба на пасоши и визи. Златните бисаги што по успешно реализираното бегство ќе ги истовари Груевски веројатно ќе претставуваат значаен придонес за инкасирање во соодветна каса во Унгарија, која посебно се истакнува како една од земјите што мошне успешно тргуваат со таканаречените „златни визи“.

Според најновите податоци на „Транспаренси интернешанал“, во последните десетина години ЕУ добила околу 6.000 нови државјани, а на над 100.000 лица им е одобрена дозвола за постојан престој во Унијата, токму преку контроверзната програма што функционира во повеќе земји-членки – наречена „златна виза“.

Оваа програма всушност претставува можност за лица, вообичаено од Русија и Кина, да добијат државјанство или дозвола за престој преку инвестирање во претпријатија или недвижнини во одделни ЕУ-членки. Моментно 13 членки ја применуваат оваа програма, при што, според бројот на издадените визи, на прво место на табелата се издвојува Шпанија, околу 25.000, а веднаш зад неа на второ место е пласирана Унгарија со околу 20.000 продадени дозволи за престој.

Во Унгарија програмата „златна виза“ започнува да функционира во 2013 година и по вторпат е веројатно привремено прекината во јули 2018 година. Но, интересен е податокот дека Унгарците успеале за овој релативно кус период да издадат преку продажба дури двојно повеќе дозволи за престој од Велика Британија, за која како стартна година за програмата „златна виза“ се наведува 1994-та. Или, пак, Австрија, која започнала со истата програма уште порано, во 1984 година, а досега продала само 303 државјанства.

Овие бројки во однос на некои други земји, кои исто така во последно време се најдоа на удар на критиките во врска со коруптивни зделки поврзани со продажба на пасоши и визи, се исто така значително помали, како, на пример, кога станува збор за Бугарија, каде што се продадени околу 300 дозволи за престој.

„Златна виза“ се смета за контроверзна бидејжи програмата може лесно да се манипулира и злоупотреби од страна на криминалци што се занмиваат со корупција и перење на пари. Меѓу другото, како што се наведува во извештајот на „Транспаренси интернешанал“, банките може да бидат помалку внимателни и педантни при проверка на бекграундот на некое лице доколку поседува ЕУ-пасош, во споредба со пасош од некоја земја каде што економски проневери, злоупотреби на даночни средства, измами и махинации се значително позачестена појави.

Познавачите на оваа проблематика укажуваат дека иако во рамки на ЕУ се прават сериозни напори за заострување на законодавството, со цел, меѓу другото, да се спречи перење пари преку „златни визи“, ефектите од таквите заложби се уште не се на задоволително ниво. Една од причините за тоа е дека и покрај инсистирањето од страна на ЕУ банките да применуваат посеопфатен пристап при контролирањето на банкарски влогови и трансакции, во многу земји не се достапни информации кои лица поседуваат „златни визи“.

Бегалецот Груевски доби азил во земја во која моментно е речиси новозможно да се одобри азилантско барање и која е изложена на остри критики поради нехуманиот однос кон бегалците. Барателите на азилантска заштита во Унгарија се лишуваат од слобода и се интернирани во контејнери во меѓугранични транзитни зони, често изложени на физичко малтретирање и понижувања од страна на граничните чувари, чекајќи со месеци да бидат разгледани нивните барања. Премиерот Орбан на својот македонски пријател, и како што го нарекува – сојузник, му овозможи неспоредливо „похуман“ и побрз третман, при што Груевски доби позитивен одговор во експресен неколкучасовен рок по поднесувањето на азилантското барање.

Веројатно сосема не може да се исклучи и алтернативата што би можела да му биде достапна на Груевски, односно по извесен период поминат на „привремен одмор“ во Унгарија, да поднесе и барање да му се одобри и „златна виза“, која овозможува и слободно движење во Шенгенската зона. Имајќи предвид, се разбира, дека неговиот пријател и заштитник, Орбан, по логика на нештата во парламентарната демократија, без оглед дали ја карактеризираат либерални или автократски примеси, еден ден секако ќе мора да падне од владејачкиот трон.

Еврокомесарката надлежна за правосудство, Вера Јурова, неодамна побара воведување на поголеми контроли и предупреди на опасностите поврзани со програмата што подразбира продавање на пасоши и визи за „инвестиции“ со сомнителен капитал.

„Не сакаме тројански коњи во ЕУ“, вели Јурова.

На Груевски можеби не може да му се припише толкаво значење, бидејќи тоа веројатно би звучело премногу претенциозно. Но обвинувањата што доаѓаат од разни страни секако не го оставаат рамнодушен неговиот пријател Орбан, кој од презафатеност не наоѓа време да се сретне со своите штитеници, а како што се пожали не може „ни воздух да земе“. Но станува јасно дека токму поради обрачот на критиките што се затегнува околу него , постои ризик уште повеќе да му се влошат проблемите со респираторните органи и – дишењето.

 

 

 

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...