Злате Лозановски е нов главен уредник на „Слободен печат“

780

Злате Лозановски е нов главен и одговорен уредник на весникот „Слободен печат“ откако денеска Бранко Героски поднесе оставка од оваа функција, која ја извршуваше во последните пет и пол години, соопшти менаџментот на весникот.

Менаџментот му се заблагодари на Героски „за досегашната работа и неговиот огромен придонес во создавањето на весникот и неговото етаблирање кај читателската публика“.

„Неспорен е фактот дека Героски заедно со неколку други личности е покренувач на денес најтиражниот дневен весник во Република Северна Македонија.

Што се однесува до наводите во оставката на г-динот Бранко Героски, се согласуваме со констатацијата дека постоеле одредени разлики, но според нас тоа беа разлики кои имаа импакт во доменот на бизнис стратегијата за натамошен развој на одредени сегменти на компанијата ‘Слободен печат’.

Инаку, кога станува збор за автономноста на уредувачкиот избор на теми и програмска политика, тие секогаш биле и ќе бидат исклучиво право, но и голема одговорност на секој главен и одговорен уредник на весникот.

‘Слободен печат’ нема да отстапи од својот курс во определбите да биде критичен кон сите општествени девијации, а во духот на независен, слободоумен и стилски високо квалитетен дневен весник со демократска определба“, се наведува во соопштението од весникот.

Оттаму додаваат дека Героски и натаму останува вработен во компанијата „Слободен печат“ со сите привилегии и бенефиции кои ги уживал и досега.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...