Потпретседателот и пратеник од СДСМ Мухамед Зеќири се сомнева дека имало договор помеѓу претседателот на Собранието Талат Џафери и шефот на државата Ѓорге Иванов за неодземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски. Тој за 1ТВ тврди дека не го навредил Џафери и дека зад скандалот со имунитетот стои ДУИ.
-Апсолутно тврдам дека лично го немам навредено претседателот на Собранието. Он направи таков скандал. Ова не го направил на своја рака, туку е смислено од ДУИ, затоа што ден претходно пратениците знаеја дека ќе има комисија, нивниот пратеник го снема, наводно бил болен, но тоа е друга работа. Кого сакаат да лажат или манипулираат? Вечерта Џафери го смени исказот, кажувајќжи дека немал што да стави на гласање. Тоа е чиста манипулација на Џафери. Затоа е и реакцијата таква каква што е затоа што на 27 април ниту еден пратеник на ДУИ не беше нападнат. На 27 април со жив штит Заев го бранеша Џафери да не му фали влакно и сега токму тој дозволува на обвинет за организирање на крвавиот четврток да не му се одзеде имунитетот. Јас се сомневам дека има договор меѓу нив и затоа многу лежерно се однесуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и беа смирени – рече Зеќири, кој додаде дека ДУИ е нужно зло.
Зекири во разговорот истакна дека се сомнева дека Џафери имал договор со претседателот Иванов за да се задржи имунитетот за Трајко Вељаноски.
Тој додаде дека Иванов уште утредента по прекинувањето на седницата за имунитетот на Вељаноски потпишал указ со кој унапредил фаворит на Талат Џафери на позиција генерал.
– Иванов досега одбиваше да го потпише указот за фаворитот на Џафери. А некои и од ДУИ се изненадени од тоа – вели Заќири.