Секој има право да зборува на својот сопствен јазик, но мислам дека е коректно кога ќе бидеш прашан од колеги новинари Македонци, да се одговара на македонски јазик. Кога ќе биде прашан од колегите Албанци новинари, секако ќе одговараат на албански јазик. Ова е одговорот на пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зеќири на прашањето дали министрите од ДУИ треба да говорат само на албански јазик.
– Мислам дека помина времето кога на вакви теми некој ќе се удира во гради и ќе изигрува патриот и мисли дека може да добива политички поени на таа тема. Јазикот служи да се разбереме меѓу себе, не служи за да има поделби повеќе во општеството и меѓу различните етнички припадности – рече Зеќири.
Тој додаде дека во Собранието постои и се применува двојазичноста и секој пратеник има право да зборува на својот мајчин јазик, односно на албански и на македонски јазик и има соодветен превод за тоа на пленарните седници.
– Секако тоа е работа на службите коишто ќе мораат да направат не напори, туку ќе мораат да го средат и тој дел за да има соодветен превод за сите што е потребно – вели пратеникот.