Анита Барањ, ќерка на убиениот 61-годишник и поранешна сопруга на осомничениот за убиството, 30-годишниот Славко Плавшиќ, за „Курир.рс“ изјавила дека никогаш нема да си прости себеси што татко и починал поради неа.
– Да бев таму, нормално дека ќе го одбранев, па дури и да ме убиеше мене. Подобро мене да ме убиеше, отколку него – рекла Барањ.
Злосторството се случи на 6 мај, околу 2 часот по полноќ, кога Славко отишол до куќата на Анита и ја викал да излезе, а се заканувал и оти ќе ја убие. Бидејќи била на работа, излегол нејзиниот татко а поранешниот зет почнал да го тепа, го соборил и го шутирал во главата до смрт. Убиството го гледала сопругата на убиениот, но и децата на Анита.
– Ми се јави ќерката од првиот брак и вриштејќи ми рече дека Славко го убива татко ми. Слушнав и дека мајка ми плаче. Само што не се онесвестив. Брзо повикав полиција и се јавив кај родителите на Славко и неговиот брат. Ги молев да го спречат бидејќи ќе ми го убие таткото, поранешната свекрва на тоа ми рече „Па што можеме да му направиме ние?“. Го уби монструм. Го оствари тоа што се закануваше дека ќе го направи две години – раскажала таа.
Нејзината мајка се обидела да го одбрани сопругот, но не успеала.
– Кога заврши со тепањето, побарал од мајка ми цигара, па си отишол дома. Го повикал комшијата и му кажал дека со голи раце убил човек и додал „Одам сега и останатите да ги заколам. Ќе ти го подарам ножот, да го имаш за спомен. Ќе бидам околу пет години во затвор, ама нив ќе ги нема. И немој да не си ме посетил во затвор“ – додала Анита.
Славко, според нејзините зборови, ја малтретирал и претходно.
– Ме тепаше. Додека бев бремена ми седеше на стомакот и ме присилуваше на сексуални односи. Постојано се закануваше дека ќе ме убие и мене и моите. Се плашев. Еден ден се скаравме бидејќи ми рече дека одам на работа поради газдата, дека го изневерувам. Таа кавга ја слушна мојот татко и се вмеша. Славко го удри, а тато ја изгуби свеста. Седна на него и продолжи да го удира – рекла Анита.
Со Славко живеела кај нејзините родители, а откако останала бремена, тој почнал да ја малтретира. И претходно го пријавувала за насилство, а тој бил во притвор поради тоа. Судењето му било закажано за јуни.
ФОТО: Курир.рс / С.С.
ФОТО 1: Убиецот и неговиот татко
ФОТО 2: Анита и нејзиниот татко