Силен земјотрес со јачина од 5,1 според Рихтер е почувствуван во Атина, во 14.13 часот по локално време, а за сега нема информации за повредени, додека некои домови претрпеле мала материјална штета.
Епицентарот, според грчката национална опсерваторијата бил на планината Парнита, на 23 километри северозападно од Атина, а беше почувствуван на целата територија на грчката престолнина.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, земјотресот беше со силен и почувствуван и на отворено, а голем дел од граѓаните ги напуштија своите домови и излегоа на улица. Веднаш по земјотресот имаше проблеми со мрежата на мобилните оператори и фиксната телефонија, интернетот функционира нормално, а во дел од атинските населби во прекин е снабдувањето со електрична енергија.
Неофицијално биле евакуирани трговски центри и јавни објекти во Атина.
Според грчките медиуми, министерот за цивилна заштита на Грција Михалис Хрисохоидис ја следи ситуацијата од Центарот за операции на грчката противпожарна служба, припадници на полицијата и противпожарната служба се на терен доколку е потребно да им пружат помош на граѓаните, хеликоптер „Супер пума“ ги надлетува населбите во западниот дел на регионот Атика.
Дописничката на МИА од Атина, во моментите кога се случи земјотресот, поради работните обврски, беше во населбата што лани беше зафатена од катастрофалните пожари.
Коментарот на жителите на Мати беше идентичен, лани пожари, денес земјотрес.
– Го преживеав земјотресот на Кефалониа кога бев млада, имам страв од земјотреси, затоа се исплашив многу – вели пензионерка за МИА која што веднаш по земјотресот, онака како што била дома, со пењоар излезе на улица.
Бараше начин да стапи да контакт со нејзината ќерка. Мобилниот го оставила дома. Меѓутоа залудни беа обидите да се јави со оглед на тоа дека имаше проблем со мрежата на мобилните оператори.
Во слична ситуација беше и студентката Теодора. Онака како што била дома излезе на улица, од дописничата на МИА од Атина, побара да и се јави на мајка и. Мобилниот во брзање го оставила дома.
-Се спремав да влезам да се капам. Почна да се тресе, мислев дека ми се причинува, но го видов лустерот и веднаш излегов. Не знам ни дали заклучив. Но, не си одам дома, додека не се вратат мајка ми и татко ми од работа, вели Теодора, која за МИА коментира дека после она што го преживеала лани со пожарите веќе е подготвена на се.
– Живеам во зграда, на третиот кат. Го почувствувавме и тоа многу. Не само што се тресеше, туку почнаа да паѓаат предмети. Ги земав децата и веднаш излеговме надвор – вели Василики која е мајка на две малолетни деца.
– Во моментите кога се случи земјотресот бевме во морето. Слушнавме дека се направи паника и почнаа да ни викаат да излеземе бидејќи има силен земјотрес – вели еден пензионер.
Според грчите сеизмолози кои велат дека ја следат ситуацијата, веројатно беше главниот земјотрес по кој можно е да следат помали, афтер шокови.
ФОТО: EPA / SIMELA PANTZARTZI