Најавата на Анегрет Крамп-Каренбауер дека ќе поднесе оставка на местото претседателка на ЦДУ и нејзиното откажување од кандидатурата за канцеларка ја потресоа несигурната и делумно дезориентирана партија.
Земјотресот продолжува.
ЦДУ доживеа хаварија и сега се препелка настојувајќи да најде излез. И втората голема народна партија, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), веќе долго време скита во потрага по самата себеси, својата определба и нејзиниот политички тек. Исто како кога на почетокот на летото 2019 година, Андреа Налес (СПД) поднесе оставка на местото претседателка на најстарата германска политичка партија, СПД, така и демохристијанката Анегрет Крамп-Каренбауер 13 месеци потоа најави повлекување, иако на чело на ЦДУ беше смо 14 месеци.
Имиња, претпоставки, гласини
А сега? Само имиња, претпоставки и гласини. Кога станува збор за тоа кој ќе биде иден шеф на ЦДУ и кандидат за канцелар, влогот е многу поголем. Партијата мора да го разјасни прашањето на заедништво, но и кои се нејзините задачи и каква е нејзината природа. Таа одамна не дејствува како обединета партија, како што се покажа во Тирингија, но и на сојузно ниво – во секојдневната работа, во соработката на едните со другите, а особено едни против други, што е сè почест тренд. А пред само единаесет недели, на конгресот на ЦДУ во Лајпциг, се извикуваше името на Анегрет Крамп-Каренбауер.
Германија се соочува со „година на одлука“. Нема да се одлучи само за тоа дали и како владејачката партија ЦДУ ќе остане во сојузната Влада или не. Под знак прашалник е и традиционалниот парламентаризам во Германија, важноста на партиите, партиската дисциплина и слободата на пратениците да одлучуваат според сопствената совест. А главното прашање гласи: дали демохристијанските партии сакаат, и на кој начин, да се спротивстават на десничарските популистички сили и екстремистичките струи.
Крамп-Каренбауер нејзината одлука да поднесе оставка од местото претседател на ЦДУ ја образложи со „силни центрифугални сили“ во општеството, за што е потребна силна ЦДУ под обединето раководство. Конечно, се работи за иднината на демократијата во Германија.
По речиси 71 година од основањето, СР Германија е пред тест. Можеби оваа земја стои и пред крајот на досегашниот партиски систем. Другите политички табори, вклучувајќи ги и силните Зелени, не презедоа улога или сè уште не преземаат улоги на големи народни партии што досега ги имаа ЦДУ и СПД.
Ова се несигурни времиња
Кон крајот на јануари, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер одржа говор во Бундестагот во спомен на жртвите на националсоцијализмот. Со мрачни зборови тој зборуваше за новата десница, за „стариот дух“ и за „злите духови од минатото“, кои се покажале „во нова форма“.
– Се плашам дека не сме доволно подготвени – но ова време нè става пред искушение. И ние мора да го положиме тој испит – рече претседателот Штајнмаер. Тој притоа не спомна ниту една партија, само кажа зборови на предупредување кон целата политика и општество.
Растечката нестабилност, која оди рака под рака со најавата за повлекување на Анегрет Крамп-Каренбауер од функцијата шефица на ЦДУ и борбата за политички курс, силно ја погодува Германија – во време кога економскиот развој станува сè понеизвесен, а социјалната политика покажува знаци на слабост. Ова се времиња во кои, благодарение на американскиот претседател Трамп и на другите популистички владетели низ светот, политиката изгледа понестабилна од кога и да е, по падот на Берлинскиот ѕид. Овие се времиња на ротација на постбрегзитовска Европа, во која Германија од 1 јули го презема претседателството со Европската Унија. Германија е соочена со меѓународни предизвици како никогаш порано, а на внатрешен план е несигурна како што не била долго време.
Канцеларка со ограничен рок на траење
Одамна се зборува за крајот на ерата на канцеларката Ангела Меркел. Тоа почна дури и пред таа да поднесе оставка како претседател на ЦДУ, која ја објави кон крајот на октомври 2018 година. Сѐ заврши шест недели подоцна со изборот на Анегрет Крамп-Каренбауер за нејзина наследничка на чело на партијата. И оттогаш не запре.
Во овонеделната политичка бура во Германија, од сите страни одекнува дека Ангела Меркел останува канцеларка – но канцеларка со ограничен рок на траење. Нејзината моќ во партијата и владата се при крај. Таа повеќе го нема под контрола ниту нејзиниот наследник, ниту примопредавањето на власта.
Канцеларката Меркел со ограничен рок на траење и претседателката на ЦДУ, Крамп-Каренбауер со ограничен рок на траење – тие не можат да гарантираат политичка стабилност во земјата.
И бидејќи речиси секој земјотрес е проследен со последователни потреси, на германската политика ѝ се пишуваат немирни времиња, и тоа независно од прашањето за раководството на ЦДУ и тоа кој ќе биде кандидат на партијата за канцелар. Тоа е тест што Германија допрва треба да го положи.
(став на Кристоф Штрак, уредник во Дојче веле)