Владата донесе одлука за воведување на нова интервентна мерка за земјоделците производители на ориз на денешната седница. Конкретно, земјоделците ќе добијат 5 денари за килограм произведена и предадена оризова арпа во регистрирани откупувачи.
Владата, како што информираат, ја донесе оваа одлука поради нарушениот баланс помеѓу понудата и побарувачката и многу ниската откупна цена. Со оваа нова дополнителна субвенција ќе се поттикне договорениот откуп на оризова арпа од реколтата 2018 година, од што придобивки ќе имаат земјоделците.
Субвенцијата се однесува за количините кои се произведени и предадени од 1. октомври до 25. декември 2018 година и кои не надминуваат 5,5 тони по хектар. Со новата мерка се очекува да бидат субвенционирани околу 5.000 тони оризова арпа, со што поддршката за оваа мерка ќе изнесува околу 25 милиони денари или 400 илјади евра. Субвенциите ќе бидат исплатени од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година.