Тројца лихвари од Куманово со давање заеми заработиле 13.250 евра од маж кој земал заем за лекување. Против тројцата, кумановската полиција поднесе кривична пријава за лихварство.
Првиот заем оштетениот М.А. го земал во ноември 2014 година. Побарал 1.500 евра, а лихварот А.М. го условил да му плаќа месечна камата во висина од 10 отсто од сумата или 150 евра месечно на име камата, а главниот долг останувал за што склучиле усмен договор. Така, од ноември 2014 до јули 2018 или 43 месеци оштетениот плаќал по 150 евра или вкупно исплатил 6.500 евра, а лихварот противзаконски се стекнал со 5.000 евра.
Бидејќи парите од првиот заем на А.М. не му биле доволно за да си го плати сопственото лекување и за издржување на семејството, еден месец по првиот заем, тој земал уште еден од друг лихвар. Побарал 2.500 евра, а и овој лихвар му ги дал со камата од 10 отсто или 250 евра месечно.
„Тие склучиле договор кај нотар и навеле дека, доколку оштетениот М.А не му го врати долгот до предвидениот датум 01 февруари 2015 година, Д.А. да може да спроведе извршна постапка врз целиот движен и недвижен имот на оштетениот. Од декември 2014 до јули 2018 година оштетениот на Д.А. му исплатил вкупно 10.750 евра на име на месечна камата, со што Д.А. се стекнал со противправна имотна корист од 8250 евра“, соопштија од МВР.
Во август 2016, оштетениот земал друг заем од околу 2.300 евра од трет лихвар. И во овој случај тој бил условен о 10 отсто камата, а бил склучен и договор кај нотар. До јули 2018, третиот лихвар добил околу 5.000 евра или 2.700 повеќе од заемот кој го дал.