Зеленски до Путин: Убиството на четворицата војници во Донбас не ги доближува Украина и Русија до мирот

586
ФОТО: EPA / TATYANA ZENKOVICH

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека телефонски разговарал со својот руски колега Владимир Путин, откако четворица украински војници загинаа во напад врз Донбас, пренесоа британските медиуми.

– Му кажав дека тоа не не доближува до мирот. Од него побарав да го искористи своето влијание кај сепаратистите да запрат со убивање наши граѓани – рече Зеленски на прес конференција.

Рускиот претседател на ова кажал дека го повикал својот украински колега да запрат
нападите на населените места во Донбас од украинските вооружени сили, кои водат до загуба на цивили, соопшти прес службата на Кремљ, по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери, што се оддржа на иницијатива на украинската страна, пренесе Тасс.

„Во екот на разгледувањето на темата за разрешување на конфликтот во југоисточна Украина акцентот беше ставен врз важноста од зачувување на примирјето, постигнато на 21 јули, како и повлекување на силите и средствата од линијата на разграничување. Рускиот претседател подвлече дека за деескалација на конфликтот е потребно, пред се, да се исклучат идни напади на украинските војници врз населените места во Донбас, кои водат до жртви меѓу цивилното население“, се наведува во соопштението од Кремљ.

Освен тоа, двајцата лидери ја разгледале и темата за активирање на работата за враќање на заробените лица.

„Договорено е да се засили работата за враќањето на заробените“, посочуваат од прес службата на рускиот претседател.

Ова е втор телефонски разговор меѓу лидерите на двете земји по изборот на Зеленски за претседател на Украина. Првиот се оддржа на 11 јули, исто така, на иницијатива на украинската страна.

ФОТО: EPA / TATYANA ZENKOVICH

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...