Зекири: Не се плашам и не сакам да седам со Беџети, тој пушти „пци“ во мојата приватност

2739

Мухамед Зекири, потпретседател на СДСМ вечерва на Фејсбук објасни зошто ја одбил поканата да биде гостин во дебатна емисија со Блерим Беџети, поранешен министер за правда кој упати сериозни обвинувања на адреса на Зекири.

Зекири го објави писмото што ѝ го пратил на ТВ 21 во кое ја откажува поканата за дебата:

„Ви благодарам за Вашата покана да учествувам на вечерашната дебата со Блерим Беџети, актуелниот градоначалник на општина Сарај. Во оваа прилика сакам да ја информирам јавноста дека одлучив да не учествувам во емисија која може да личи на сè освен на достоинствена дебата имајќи ја во предвид дотичната личност. Не сакам да легитимирам ниски напади и моето достоинство и ниво не ми дозволуваат да седнам во студио со личност како Блерим Беџети, кого пошироката јавност во земјава многу добро го памети по неговите (не)дела во времето кога беше министер за правда.

Не сакам да седнам во исто студио со луѓе како Блерим Беџети, кој по последното мое гостување во Вашата емисија на најнедоличен начин ги пушти своите „пси“ да навлезат во мојата приватност навредувајќи ме и заканувајќи ми се.

На заканите апсолутно не им се плашам, затоа што можам да се плашам само од еден Господ и никој друг. Но, нема да дозволам некој да навлегува во мојата приватност, да ме навредува мене и моето семејство и со такви да седам на иста маса.

Дополнително, Блерим Беџети како кадар на ДУИ не е ниту пратеник, ниту министер, а ниту потпретседател на таа партија за да го сметам барем по таква линија за мое ниво за дебата. Тој ја застапува само општина Сарај и толку.

На крај ќе Ви цитирам три мудри мисли.

Првата е од имамот Али: „Си изгубил уште во моментот кога ќе се обидеш да се докажуваш со игнорантна будала.”

Втората: „Никогаш не дебатирај со будали затоа што гледачите нема да може да разликуваат кој е кој.”

И за крај мислата од Марк Твен: “Никогаш не дебатирај со будали бидејќи ќе те спуштат на нивното ниво и ќе те победат со своето искуство.”

Со почит,
Мухамед Зеќири,
Потпретседател на СДСМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...