ДУИ нема право да говори со кого СДСМ треба да коалицира, бидејќи СДСМ ја има истуркано целата кампања на ДУИ за локалните избори, истакна потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, на денешното гостување во емисијата „Вин-Вин“ на Телма.
– Тие што нè обвинуваат денеска дека коалицијата со Беса била на штета на Албанците, мислам на ДУИ и на Бујар Османи, тие забораваат на чија штета беше коалицијата со СДСМ за време на локалните избори. На чија штета беше коалицијата на претседателските избори? Значи признаваат дека работеле против Албанците штом дошле со СДСМ? Што сака да каже Бујар Османи? Мисли дека луѓето забораваат? Во однос на коалицијата за време на локалните избори, сите знаат и во партијата дека јас бев против таквата коалиција – рече Зекири.
Зекири додаде дека СДСМ ја има истуркано целата кампања на ДУИ во 2017 година, за локалните избори.
– Сега излегува дека СДСМ се одолжило на ДУИ за 2016 година кога требаше да биде дел од владината коалиција. И се направил тој компромис за да се помогне на ДУИ, иако јас пак сметам дека беше на голема штета на СДСМ таа помош што им ја дадовме тогаш. Сега тие излегуваат да кажуваат дека друга албанска партија нема право да дојде во коалиција со СДСМ, предизборно. Што мисли Бујар? Апсолутно се погрешни нивните ставови – истакна Зекири.