За време на упадот во Собранието на 27 април лани, пратеникот Мухамед Зекири заедно со уште неколку пратеници бил во галеријата од прес-салата во Собранието додека изјава за медиумите даваа Зоран Заев и Талат Џафери. Таму се засолниле во двете кабини за превод, а од местото каде бил Зекири можел да гледа што се случува долу кога влегла толпата.
– Толпата успеа да влезе и прв на мета беше претседателот на партијата Зоран Заев кој почна да крвари од челото. Толпата маваше со сѐ што имаше доле. Толпата беше разгневена и напаѓаше. Тоа што ми остави впечаток мене од тоа што успеав да го видам беше едно лице кое држеше пиштол. Дури во еден момент пиштолот му испадна и се наведна да го најде. Забележав уште двајца кои носат оружје, но за нив подоцна разбрав дека се од обезбедувањето – сведочеше Зекири.
На дополнително прашање од обвинителката за лицето со пиштол, пратеникот кажа дека бил со црна маица, ќелав и со брада.
Тој кажа дека луѓето го барале и него, извикивале „Каде е Мухи, каде е Мухамед Зекири, каде е шиптарот” и извикивале пцовки кон него.
– Кога толпата беше најгневна се слушна истрел од обезбедувањето на Спасовски. Во таванот заврши истрелот. Толпата малку се смири. По некое време дојдоа двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои дојдоа во прес салата. Првиот беше Никола Тодоров кој беше брутално турнат и истеран од салата. Другиот беше Влатко Ѓорчев кој застана во првиот ред да ги брани колегите. Имаше и луѓе со фантомки, повеќето беа со тетоважи, и тие како да им кажуваа што да прават на луѓето, во моменти само им кажуваа, во други и напаѓаа со нив – раскажуваше Зекири.
Тој кажа дека во кабината каде бил засолнет со други пратеници останале час и пол до два, додека да интервенира полицијата.
Пратеникот раскажа дека од прес салата биле евакуирани во друга просторија во Собранието, а на крај биле однесени во касарната во Ѓорче Петров од каде откако ги евидентирале од најблиските биле однесени дома.