Раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски треба да излезат од матрицата на Никола Груевски и јасно да кажат дали се за ЕУ и НАТО или се против, изјави потпретседателот и пратеник на СДСМ Мухамед Зекири.
– Изборот е јасен. Одлуката е или ЕУ и НАТО или изолација и неизвесност. Ако се за ЕУ и НАТО сега е моментот кога треба да се откажат од барањето амнестија за Никола Груевски и неговите соработници и да ги повикаат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат волјата на граѓаните во Собранието – рече Зекири.
Тој посочи дека никогаш претходно во изминативе 20 години ниту една политичка идеја не добила толку голема поддршка од граѓаните и додаде дека над 600 илјади граѓани упатиле јасна порака дека се за иднина во ЕУ и НАТО.
– Сега е моментот сите пратеници особено пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, да ја следат оваа јасно изразена волја на над 600 илјади граѓани за членство во ЕУ и НАТО -истакна Зеќири.
Тој додаде дека сите економски параметри прецизно покажуваат дека процесот на приближување до ЕУ и НАТО позитивно влијае врз економијаат.
– Ако Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ продолжат со измислување нови нелогични барања, јасно е дека сакаат да го блокираат патот на Македонија кон ЕУ и НАТО и да ја вратат земјата во изолација и неизвесност – нагласи Зекири.
Тој истакна дека во тој случај, поради неодговорноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, единствен излез се предвремени избори организирани веднаш за доброто на државата.
Зекири додаде дека се во постојана комуникација со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со цел да се обезбеди двотретинско мнозинство, а кога ќе има конкретна информација ќе биде соопштена во јавност.
На прашањето дали ќе се разговара и со Груевски, тој одговори дека Груевски „ќе си заврши таму каде што треба да заврши согласно вчерашната одлука од Апелација и неговиот глас не е потребен“.