Вкупно 57 кандидати ќе се најдат во процесот за избор на седумчлената Антикорупциската комисија.
Претседавачот со Комисијата за селекција на кандидатите, пратеникот Мухамед Зекири денеска во Собранието изјави дека процедурата на интервјуирање на кандидатите која ќе биде јавна, ќе започне утре, а треба да заврши во среда на 6 февруари. Секој кандидат ќе има време од 30 минути за да одговори на прашањата што ќе му ги постават членовите на Комисијата за селекција, како и членови на МАНУ, Народниот правобранител, новинари, граѓански активисти кои се пријавиле да бидат дел од овој процес на интервјуирање.
Целата постапка за избор на Државната комисија за спречување на корупцијата треба да се заокружи на 8 февруари со гласање на пленарна седница на Парламентот.
– Планираме се да завршиме со работа до среда по што ќе дадеме време на Комисијата за избори и именувања да ги помине кандидатите кои ќе бидат избрани и да дадеме време претседателот на Собранието да свика пленарна седница на која што ќе треба да бидат изгласани предложените членови – рече Зекири.
Сите интервјуа ќе бидат снимени и емитувани на собранскиот канал, за да не се стават во нерамноправна положба кандидатите кои ќе бидат интервјуирани први, од тие што тоа ќе го направат подоцна.
Инаку, ова е прв пат изборот на составот на Комисијата за борба против корупција да се врши на ваков начин, по пат на интервјуа, согласно последните законски измени.
На конкурсот за избор на членови на Антикорупциската пристигнаа 80 апликации. Од нив во првото филтрирање отпаднаа 21 кандиат поради неисполнување на условите за образование или некомплетност на документите, а еден самиот ги повлекол документите. По денешното разгледување во процедура останале апликациите на 57 кандидати.