Германската телевизија, ЗДФ, како дел од серијата документарци за криминалните банди ширум светот, подготви репортажа и за албанските банди под наслов „Албанската мафија е една од најстрашните криминални организации во светот!“.
– Репортажата трае 43 минути а може да се гледа само во Германија. Новинарот Давид Бериаин престојувал во Албанија за да одблиску се запознае со структурите на овие криминални организиации, кои, како што наведува, своите корени ги наоѓаат во традиционалните верувања и следат код на чест и крвна одмазда – наведува тиранската телевизија Топ ченел.
Во документарецот, новинарот разговара со неколку маскирани лица, кои не откриваат многу детали за организациите на кои им припаѓаат.
Репортажата ЗДФ ја заокружува со констатација дека „албанската мафија е најстрашна во светот. Оружје, трговија со луѓе и дрога се дел од нивните најпрофитабилните деловни области“.
И британски „Дејли Мирор“ во серијата написи посветени на албанската мафија наодамна објави дека таа ја презела контролата над пазарот на кокаин во Велика Британија, кој се проценува на околу пет милијарди фунти.
Познатиот истражувач Мохамед Касим од Универзитетот во Лидс Бекет и експерт од областа на криминалот за весникот изјавил дека „Албанците имаат сериозна репутација и оти тие не размислуваат двапати за да употребат сила“.
– Албанците обезбедија сериозна репутација, и никој не се обидува да им се спротивстави. Тие не размислуваат двапати за да употребат сила. Имаме млади Албанци кои едноставно доаѓаат да заработат пари од пазарот на дрога. Некои од нив имаат големи вили и друг имот во Албанија – изјавил Касим.