Здружение на историчари: Ни денар за македонската „Историја“, а 123.000 за албанските историчари

2117

Во Годишната програма на Министерството за култура за 2019 година, како и минатата година, не се предвидени средства за публикување на „Историја“ – референтно научно списание на Здружението на историчарите на Република Македонија (ЗИРМ), реагира македонското здружение на историчари. 

Реакцијата ја пренесуваме интегрално:

„Минатогодишната причина за неодобрените средства беше дека списанието „Историја“ не претставува „национален приоритет“. Оваа година очекуваме слично образложение. Членовите на Комисијата што ги разгледуваше пријавите, веројатно сметаат дека тоа што „Историја“ е наднационално списание, во кое, како ретко каде, најсликовито се изразени мултиетничноста и мултиконфесионалноста во нашата држава, не претставува национален приоритет.

Господа, членови на Комисијата, вие секако знаете, но ние пак ќе ве потсетиме дека:

ЗИРМ е најстарото историско здружение во Р. Македонија, формирано во 1952 година.

Списанието „Историја“, понекогаш еднаш, а некогаш два пати годишно, излегува во континуитет од 1965 година. Доколку беше „од национален приоритет“, оваа година ќе излезеа 69-тиот и 70-тиот број од списанието.

Во списанието „Историја“ свои научни трудови објавувале великаните на македонската научна мисла – Блаже Конески, Љубен Лапе, Харалампије Поленаковиќ, Михаил Петрушевски, Христо Андонов-Полјански, Михаило Апостолски, Крум Тошев, Манол Пандевски, Цветан Грозданов, Александар Матковски, Иван Катарџиев, Димитар Митрев, Димче Коцо…

Токму во списанието „Историја“, во далечната 1968 година, Ш. Рахими го објави својот научен труд „Ѓерг Кастриот Скендербег“. На страниците на „Историја“, големиот Али Вишко пишуваше за историјата на Тетово и Тетовско, а Рамиз Абдули за Зеф Луш Марку. Низа автори од Албанија, Македонија, Русија и други земји пишуваа за историјата на Албанците. Токму во „Историја“, се напишани првите научни статии на овие простори за историјата на Власите, Торбешите, Евреите и Србите од Македонија. Во „Историја“ Јусуф Хамза пишуваше за историјата на Турците во Македонија.

Во „Историја“, во втората половина на 1960-тите, беа за прв пат кај нас зачнати теми од родова проблематика, теми за историјата на жените Македонки, Албанки, Турчинки и за женските движења во нашата земја.

Врвни научници од САД, Кина, Велика Британија, Германија, Италија, Шпанија, Русија, Холандија, Чешка, Полска, Словачка, Романија и од поранешните југословенски републики, во „Историја“ објавуваа свои статии за историјата на Македонија и нејзините народи. Впрочем, во редакцискиот одбор на списанието членуваат професори и научници од Велика Британија, Турција, Полска, Русија, Германија и Хрватска. Сега треба да им се заблагодариме и да им кажеме дека нашето и нивно списание не е „национален приоритет“.

Списанието претставуваше отскочна даска за десетици млади научници – идни академици и универзитетски професори, кои во далечните 60-ти, 70-ти, 80-ти и 90-ти го имаа своето научно деби токму во „Историја“

Во бројните рубрики (Статии, настава/дидактика, прилози, осврти, прикази и критики, материјали, библиографија, хроники, белешки, од културното минато и тн.) „Историја“ им отстапуваше простор на просветните работници од основните и средните училишта за нови идеи, критики и методи за унапредување на наставата по историја.

Скромните средства што ги побаравме од Министерството за култура ќе беа наменети за печатење на списанието и негова распределба меѓу просветните работници и други историчари од Република Македонија. Пред сѐ ним им се извинуваме што „Историја“ не е национален приоритет.

 P.S: Им честитаме на колегите од Здружението на историчари Албанци од Македонија, на кои, откако минатата година им беа доделени 80. 000 денари за два броја од нивното списание „Историски истражувања“, овој пат им се одобрени 123. 000 денари за печатење на бр. 13 и 14 од списанието. Се работи за младо списание, на кое што секако му е потребна помош. Нам ќе ни биде чест да придонесеме со научни трудови за афирмација на нивното списание. Секако, кога во некои идни времиња „Историја“ повторно ќе биде национален приоритет, ќе ни претставува задоволство доколку и колегите од Здружението на историчари Албанци од Македонија испратат свои научни статии во „Историја“, како што тоа во минатото го правеа Рахими, Вишко, Абдули, професорката Ледиа Душку и други историчари Албанци“, се вели во реакцијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...